Екологистите ќе ги повикаат на масовни протесто граѓаните на Охрид, доколку Министерството за транспорт не се откаже од најавите за изградба на бензинска пумпа во Охридското Езеро.Изненадени сме од ваквите најави на ресорното министерство, изјави Борче Стојаноски од ЕД „Грашница“.

-Очекувавме владата да иницира забрана за употреба на моторите со внатрешно согорување, а не да гради бензинска пумпа која сериозно може да го загрози живиот свет во водите на Охридското Езеро. Сетете се пред само кусо време што направи една истурена канта гориво кај градското пристаниште, а што може да направи хаварија на бензинска пумпа, рече Стојаноски.


Екологистите најавуваат протести

Ваквите предупредувања на екологистите не држат, велат во изјава за Охриднењс, претставници на Здружението на бродски превозници од Охрид.

-Идејата за изградба на бензинска пумпа за пловни објекти е паметна идеја која требаше многу порано да се реализира. Со тоа би се намалило загадувањето на Охридското Езеро, а не обратно. Што значи кога се полни со канти, со црева или други средства во споредба со регуларно изградена бензинска пумпа, ни изјави Зоран Гилевски-сопственик на бродот „Александрија“.



Со мислењето на екологистите не се согласува и Васко Јанески-заповедник на бродот „Кристина“.

– Според бројот на пловила што ги има на Охридското Езеро неопходно е да се изгради бензинска пумпа, се разбира доколку се исполнат сите законски и безбедносни критериуми. Македонија треба да реши дали Охрид ќе биде заштитена туристичка дестинација во која ќе се шетаме без егзистенција, или ќе го имаме и едното и другото. Треба да се почитува мислењето на екологистите но нив ги има секаде во светот, но и секаде на морињата има бензински пумпи, вели Јанески.


Ставовите на екологистите не држат – Васко Јанески

Според ГУП на потегот кај Градска плажа се планира да се изгради марина со модерна бензинска пумпа.

Г. Момироски