Граѓанското движење Охрид SOS и здружението Стар Лагадин, денеска, одржаа мирен протест пред зградата на општина Охрид, од кој побараа итно да се прогласи мораториум на градежни активности на територија на Општината, додека не се донесат соодветни плански документи врз основа на стратегија за одржлив развој. Воедно, што е препорака и услов Охрид да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност и претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО. Активисти на движењето истакнаа голем транспарент и упатија порака до општинските власти и градските советници да го запрат уништувањето на крајбрежјето.

-Се работи за идните генерации. Урбанистичкото уништување не е случај само во Охрид, тоа се случува и на Маврово и во Скопје. Таму е најголемата корупција и спрегата помеѓу институциите и урбанистичката мафија, што се гледа во носењето на несоодветни урбанистички решенија на штета на граѓаните. – рече Мирослав Крестески од здружението Стар Лагадин.

Градоначалникот Стојаноски вели дека демократско право е да се протестира, но смета дека и протестот и барањата се упатени на погрешна адреса. Рече дека општината е на иста линија со екологистите, за што доказ се донесените одлуки за стопирање на спорните градби на крајбрежјето, како што е изградбата на хотел во населбата Лагадин, за чија судбина сега одлучува второстепената владина комисија. Во врска со  барањето за мораториум, Стојаноски појасни дека таква одлука може да донесат само повисоките инстанци, дотолку повеќе што заштитеното светско наследство на охридскиот регион зафаќа територии на три општини.

– Ние ќе донесеме одлука, но и владата треба да донесе одлука, затоа што таа е потписник на ратификацијата со УНЕСКО и ќе се донесе одлука дали ќе има или нема да има мораториум. Во овој момент би апелирал до граѓаните да ни доставуваат барања за коишто сме ние надлежни. – рече Стојаноски. Тој дополни  дека барањата на еколошкото движење Охрид SOS општината ќе ги разгледа и доколку се утврди потреба за истите ќе се расправа во советот.

Урбанистичкото уништување на Охрид што е предочено и во изветајот на УНЕСКО доставен до владата, се случува со децении, не само поради интересите на локални моќници и градежните компании, туку и поради индолентниот однос на граѓаните, велат екологистите.

  • Општината реши да го регулира сообраќајот во старото градско јадро на Охрид, што е една од препораките на УНЕСКО. Граѓаните се организираа против тоа, но мене ме чуди како граѓаните не се организираа да се спречи уништувањето на стариот град и целото крајбрежје воопшто. Знаеме сите што се случуваше изминатите години на Плаошник и на целото крајбрежје воопшто и никој не реагира. – рече Трајче Талевски од Oхрид SOS.

Според екологистите крајно време е државата да покаже одлучност во заштитата на Охрид од претераната урбанизација, како што тоа го направи Албанија во Поградец која на сопствен трошок ги отстрани од крајбрежјето сите објекти кои го загрозуваат природното и културно наследство.

Од здруженијата најавија нов протест на 31 јули во екот на туристичкиот шпиц, со цел да го свртат вниманието на властите за заштита на Охрид.

Г.М.