Охридското Езеро да не се дава под концесија најрано до 2014 година бараат екологистите од „Грашница“.

Рибниот фонд на пастрмка и белвица е на раб на исчезнување и затоа државата не треба да размислува за давање на Охридското Езеро под концесија до 2014 година, по што Хидробиолошкиот институт врз основа на научни истражувања да даде мислење дали може да се врши стопански риболов или мораториумот треба да продолжи, вели Лазо Наумоски од Е.Д. „Грашница“.


Лазо Наумоски: Охридското Езеро да не се дава под концесија до 2014 г.

Наспроти ваквите мислења на екологистите, Министерството за земјоделство деновиве го распиша конкурсот за давање на  Охридското Езеро под концесија за стопански риболов во период од 6 години. Во првите три, концесионерот ќе нема право да изловува охридска пастрмка и белвица, а потоа истите ќе може да ги лови во определени количини. Според екологистите ваквиот владин потег е избрзан и ќе ги загрози повеќегодишните напори на науката за обновување на рибниот фонд на пастрмка и белвица.


Ќе се вратат легално на менито?

Со ваквиот став не се согласуваат поранешните активни рибари. Според нив езерото изобилува со риба од сите видови која секојдневно нелегално се изловува.

-Околу 300 лица влегуваат секојдневно во Охридското Езеро, од каде дневно се изловува и до 1 тон риба, вели рибарот Петко Мојсоски. Според него рибата сега се лови нестручно и неселективно, и затоа е подобро езерото да има стопан кој ќе воведе ред.


Езерото е полно со риба вели Петко Мојсоски-рибар

Според Наумоски тврдењата дека Охридското Езеро изобилува со риба се неточни и претставуваат обид да се издејствува симнување на забраната за риболов. Со тоа според него рибарите ќе можат легално да го изловуваат езерото како во минатите времиња кога тие, како што рече, „заработуваа четирицифрени плати во девизи, а приходите од непријавениот улов беа неколкукратно поголеми“.

Г. Момироски