Во организација на Eколошкото друштво Грашница, здружението Охридска черешна, охридското Пчеларско здружение и собирачи на лековити билки, денес, на малиот плоштад кај ТЦ Амам, се изврши промоција на охридски цреши, мед и пчелни производи, како и лековити билки растенија.

Посетителите имаа можност да вкусат, но и да купат еколошки производи.

  • Целта е да се промовираат производи кои не се хемиски третирани, периодот на вегетација и на берба е краткотраен и налага мали третмани. Нов момент е што денес требаше да бидат присутни од Институтот за земјоделие од Скопје и да го врачат одбрениот сертификат за охридските црешите кои мината година беа прогласени за производи со Географско потекло“, објаснува Борче Стојаноски од ЕД Грашница.

Годинава, охридските овоштари се соочуваат со низа проблеми. Променливото време и интензивните врнежи од дожд предизвикаа пукање на плодовите што се рефлектира на квалитетот на овошките и на откупот на црешите.

Производителите на еколошки производи се соочуваат со помал интерес на откупувачите и поради малиот број на третирања, што доведува до понеатрактивен изглед на плодовите.

  • За жал, иако години наназад работиме на едукација за еколошко одгледување, уште тоа тешко допира до нашите производители, не поради нив туку поради оние кои откупуваат. Моите цреши се прскани само три пати, но кога одам на пунктот за продажба одма реагира купувачот кој сака да купи екстра цреши, убави на изглед, што значи и поголем број пати прскање против штеточини. Поради тоа, луѓето се приморани да прскаат повеќе пати, во спротивно не им ги откупуваат производите, вели Стојаноски.

Од ЕД Грашница се надеваат на поголем интерес за промоцијата идната година и дека настанот ќе се организира во континуитет.

OhridNews