Привилегија е да се живее во Охрид, на брегот на езерото. Ако барем и за малку ја подигнеме свеста на охриѓани за вредноста на природното наследство ќе биде добро, природата памети и враќа затоа треба да ја чуваме, истакнаа организаторите на денешниот културно- едукативен настан кој по повод Светскиот ден на планетата Земја се одржа на градскиот плоштад. Целта на одржувањето на настанот е подигнување на еколошката свест кај граѓаните, пред сè, за заштита и зачувување на водите на Охридското Езеро.

Во нашиот едукативен систем изоставени се содржини кои се поврзани со подигнување на еко- свеста и едуцирањето на младите, за тоа што е екологија и како да се чува животната средина во која живееме. Надлежните ги разбираат апелите на граѓаните, но ако станува збор за бизнис интереси кои се измешани со екологијата тогаш борбата е потешка . Ако светот сето ова го признава како вредно природно наследство, можеме и ние, потенцира Илина Арсова од Здружението за унапредување на меѓусебна доверба „ТАКТ“, кое во соработка со Здружението за заштита на животни „Анималиа“ и Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ го организираа денешниот настан.

Апел да не се уништува природното наследство со бетонски градби пристигнува и од страна на стручните лица, вљубеници во природата .

Овој регион е со исклучителни природни вредности и затоа сакам да ги потстетам сите дека токму поради тоа во 1979 Охридското езеро е прогласено за светско наследство од страна на УНЕСКО. Мене ме чуди во 21 век што се пројавуваат иницијативи со кои се сака да се доуништат природните богатства кои реално ги има се помалку.  Уништувањето на природата е неповратно и неа ништо не може да ја замени, никакви бетонски школки, плажи, палми или марини кои им служат на мала група луѓе. Треба да сме свесни и да го заштитиме она што го имаме и она што е многу значајно, вели професор Славчо Христоски од Институтот за биологија при ПМФ во Скопје.

Во рамки на денешниот еко- настан кој го проследија голем број граѓани свое обраќање имаше професорот Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт на тема „Охридското Езеро и неговите обележја во светски рамки“.

Во забавниот дел настапија Дамјан Пејчиноски и Backdoor band, Тони Зен, Флека, The Hounds и Леа, The Quartet, Јана Гигова, стендап артистот Никола Тодороски и Енис Хилми која прочита поезија. Програмата ја водеа популарните водители и големи љубители на природата Лелја Гогова и Жанко З’Ш Голабоски.

На настанот присуствуваа и еколошки здруженија, невладини организации, ученици од охридските училишта, како и претставници на институциите.

Т.К.