Охридските велосипедисти од „Екодром“ во голем стил ја завршија сезоната во категоријата планински велосипедизам освојувајќи три златни медаљи и по еден сребрен и бронзен.
Домаќин на последната трка беше скопскиот клуб „Енерџи“, а почесен гостин беше градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски кој на крајот ги награди најуспешните.
Во категоријата јуниори охридските велосипедисти забележаа „еден два“ победа откако Петар Упевчески заврши на првото, а Јован Јованоски на второто место.
Кај кадетите изненадување на патеката приреди охриѓанецот Новица Велјаноски кој од „втор план“ успеа да стигне до најсветлото одличје, а со медал се закити и Јаков Јованоски освојувајќи бронза.
Во категоријата рекреативци-хоби, Михаил Тасески со голема разлика од останатите велосипедисти го освои златниот вкупно трето за охридскиот тим.
Одличниот спортски викенд за охриѓани го заокружија Левент Рифат (Мадал Бал) кој триумфираше во најсилната категорија сениори и Андреј Хаџи Василев освојувајќи бронзен медал во дисциплината рекреативци-хоби.
Според неофицијалните резултати „Екодром“ ќе го освои златниот медал за најуспешен клуб во екипна конкуреција во категоријата планински велосипедизам.
Поединечно шампион на Македонија во јуниори ќе биде Јован Јованоски, а Петар Упевчески вицешампион. Кај кадетите првото место во генералниот пласман ќе му припадне на Новица Велјаноски.
Мх.П.