Центарот за хербализам, туризам и одржлив развој БИЛКИЛАЈФ, ги прогласи најдобрите три бизнис идеи на натпреварот за најдобри бизнис идеи за социјално претприемништво, во рамките на проектот „Едукација за млади социјални претприемачи: Иднина на одржливиот бизнис“, ко-финансиран од Министерството за економија и труд.

Првонаградена е бизнис идејата „Artimpact“ на Катерина Вишинова, која ќе ги поддржува младите уметници и ќе им овозможува на загрозените групи пристап до уметничко образование. Втора награда доби Валмир Имеров со бизнис идејата „Hope Bites“, камион за храна кој ќе ги снабдува гладните и социјално загрозени граѓани. Трето место доби бизнис идејата „Еко пчеларска куќа“, на Игор Јосифоски за повеќенаменска еко куќа што комбинира пчеларство, апитерапија, органско производство, туризам и едукација, со мисија да ја поддржи руралната заедница во охридскиот крај, вработување на млади, заштита на животната средина преку заштита на пчелите и промоција на здрав начин на живот, посочуваат од Центарот.

Жири комисијата, велат, додели посебна награда, за особен придонес, на младиот студент по медицина од Скопје, Спасение Анчески, кој исто така, инспириран од стекнатото знаење од обуките, создаде своја бизнис идеја за социјално претпријатие за поддршка при вработување на млади лица со попреченост, како и на Ѓоко Јузмески, за неговата бизнис идеја, органска фарма за земјоделство и обука на локалната заедница, со што даде особен придонес на натпреварот и проектот.

Новите иновативни бизнис идеи од младите, ќе придонесат за развојот на социјалното претприемништво и позитивни општествени промени, што беа и основните цели на проектот.

Преку овој проект, младите учесници поминаа низ обуки, менторски сесии и практични работилници кои им помогнаа да ги развијат своите претприемачки капацитети и да ја изградат својата визија за социјално одговорен бизнис. Нивниот ентузијазам и креативност покажаа дека младите се двигателите на иновативни решенија и одржлив економски развој. Се радуваме што младите се многу иновативни и имаат одлични идеи. Треба да ги мотивираме да продолжат да работат на нивно реализирање, истакна Марија Георгиевска, извршна директорка на БИЛКИЛАЈФ.

Во рамките на проектот беше спроведена и кампања за поттикнување на социјалното претприемништво.

OhridNews