Граѓаните на Струга денеска организираа мирен еко марш за заштита на планината Јабланица каде изминативе години се одвива интензивна сеча на шума.

Целта на овој еко марш е да се подигне свеста на локалното население и институциите за последиците од нелегалната и неконтролирана сеча на планината Јабланица. Крајно време е надлежните институции да направат нешто за заштита на Јабланица.-рече Андреј Бандовски од планинарско – еколошкото друштво „Закамен“ Струга, инаку организатори на еко маршот. Тој посочи дека на многу места на Јабланица има голосек, а највоочлив овој проблем е на потегот од селото Вишни до Горна Белица каде е исечена голема површина шума.

Долгогодишниот екологост Мате Гогоски, од ЕД „Енхалон“, вели дека состојбата со сечата на дрва на Јабланица е алармантна и доколку не запре последиците можат да бидат огромни.

-Без шума нема живот. Со секое пресечено дрво се сече еден живот, но луѓето тоа не го сфаќаат трчајќи по материјална корист. Дрвата не се само за огрев, тогаш немаат вредност, но нивната функција во природата е многу позначајна, привлекување на дождови, заштита од ерозија, создавање на кислород…Шумата ја сечат тие што стопанисуваат со неа, но стопанисувањето не значи голосек, посебно што се прави сега, голосекот е најниска точка на одгледување на шумите. Шумите имаат многу фази на одгледување и обезбедување на трајно производство, односно тоа што се затекнало од минатото сега искористувај и после го нема.-вели Гогоски.

Учесниците на еко маршот уште еднаш ја актуелизираа иницијативата за прогласување на планината Јабланица за национален парк, која инаку е покрената уште во 2009 година од страна на Македонското еколошко друштво.

– Делот од Јабланица кој се наоѓа на албанска страна наречен Шебеник веќе е прогласен за национален парк, што укажува дека нашата соседна држава одамна ги согледала природните вредности на планината Јабланица. Токму со овој марш апелираме и нашите институции да бидат поажурни конечно Јабланица да добие статус на национален парк.-рече Јована Мојсоска, еко активист.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк ја поддржаа и членовите на Регионалниот центар за спорт „Енхалон“ – Струга.

-Конечно Јабланица заслужува да биде национален парк и со тоа да добиеме повеќе велосипедски патеки, бидејќи има многу убави терени. Со тоа би привлекле доста туристи.-истакна професорот Дејан Костески од регионалниот центар за спорт „Енхалон“ – Струга.

Учесниците на еко маршот со пароли во рацете продефилираа низ улиците во Струга, а во центарот на градот беа изложени фотографии од еколошки активности и природни убавини на планината Јабланица, која инаку е најјужната планина со алпски карактеристики во Европа и изобилува со ретки пејзажни убавини и разновиден жив свет.

Г. Момироски