Министерството за животна средина и просторно планирање, како носител на процесот на воспоставување шема за еколошко означување на производи и услуги во Република Македонија согласно регулативата на Европската Унија, организира Јавна расправа со цел усвојување на еколошките критериуми за бои и лакови, мебел и текстил преку соработка помеѓу заинтересираните страни: претставници на потрошувачите, невладините организации, трговијата, индустријата, мали и средни претпријатија, дистрибутери и др.

Целта за подготвување и реализација на овие критериуми ни е да го охрабриме бизнис секторот да произведува или да го снабдува пазарот со производи и услуги со намалено влијание врз животната средина за време на нивниот целосен животен циклус и да ги обезбеди потрошувачите со подобри информации за ваквите влијанија како би можеле и тие да делуваат врз пазарот на овој вид производи и услуги и да придонесат за заштита на животната средина, велат од Министерството.

Производите и услугите кои ги исполнуваат овие критериуми ќе бидат етикетирани со иста еколошка ознака, односно лого кое е лесно препознатливо и со што се потврдува дека соодветниот производ или услуга  се со најдобри  еколошки перформанси.

Основна цел  е еколошкото означување да стане препознатлив, исполнителен и ефективен инструмент преку кој се намалува штетното влијание врз животната средина предизвикано од производите и услугите, односно инструмент со кој се подобруваат еколошките квалитети на производите и услугите. На овој начин треба да се креира одржлива потрошувачка, или таканаречена зелена потрошувачка во Македонија и со тоа да се овозможи поефективна употреба на ресурсите, како и да се намалат создавањето отпад и користењето енергија.

Потрошувачите, НВО-и претпријатијата, дистрибутерите и слично, своите предлози  како придонес во  креирањето еколошка ознака за бои, лакови, мебел и текстил, можат да ги  доставуваат најдоцна до 31 јануари  во Министерството за животна средина.

Ohridnews