По неодамна одржаната средба на градоначалникот Никола Бакрачески и претставници од локалната самоуправа со жителите на урбаната заедница „Радојца Новичиќ“, на која беа изнесени проблемите со кои се соочуваат жителите, екипи од јавните претпријатија излегоа на терен со цел подобрување на квалитетот на живеење во „ Радојца Новичиќ“.

Екипите од ЈП „Охридски комуналец“ започнаа со генерално чистење и хортикултурно уредување (косење и метење), а екипи на одделението за сообраќај и улици при општина Охрид интервенираа и ги заменија прегорените светилки. Истовремено,  интервенирано е и на инсталациите на столбовите за улично осветлување.

На улицата „Петрино“ во оваа населба веднаш по поставувањето на новата водоводна и канализациона мрежа, привршуваат и активностите за нејзино асфалтирање што е дел од Програмата за асфалтирање на градските улици во општина Охрид.

Од локалната самоуправа потенцираат дека средбите со жителите на општина Охрид ќе продолжат и во идниот период кога е предвидено да бидат посетени сите урбани и месни заедници кои егзистираат на територијата на општината и соодветно за секоја да биде изработена програма за подобрување на комуналната состојба, што би се реализирало етапно со средства  од буџетот на општината и од други извори.

OhridNews