Eкипата на Црвен крст Охрид по освојувањето на првото место на Регионалниот натпревар по прва помош ги средува впечатоците, но и го потенцира значењето и важноста од изучување на првата помош и пружање на истата.
Велат првата помош се дава во првите пет минути. Задоволството од постигнатиот резултат не го криеа, посочувајќи дека тоа е одраз на интензивната работа и тимската посветеност.
- Натпреварот во Скопје се состоеше од две траектории, ние бевме на едната. Имавме осум пункта од кои три беа интерактивни, а пет беа за прва помош. Се покажавме во најдобро светло, покажавме и докажавме што Охрид е подготвен да направи како град и ние како претставници од Охрид. Направивме една може да се рече историја во новиве години на Црвен крст Охрид. Се подготвуваме за Државниот натпревар во септември. Таму ќе се покажеме во уште подобро, конкуренцијата ќе бидe уште поголема и здравје можеби и на Европско првенство следната година, вели Ивана Котеска.
- Имавме пуктови за дисеминација каде ни беа поставувани општи прашања од Црвен крст и ние ги одговаравме. За тоа бевме бодувани. Имавме пункт каде медитиравме за да се ослободиме од негативната енергија и возбудата. И уште еден пункт со интерактивни игри. На дисеминацијата земавме прво место од сите општински организации. Другите пет пункта беа работни и имавме по три до четири повреди за санирање. Секој од нас имаше по едно повредено лице, вели Стефанија Битолкоска.
- Се се случуваше во време од десет минути, на пунктот влеговме како во реална ситуација, со актери кои ги глумат самите повреди доста реално. Треба да си присебен за да можеш да делуваш, внимателно да се допре до личноста, да се заштитиш себе си… Подготовките ни се од ментор, но се водиме според супозиции кои се издадени од самите организатори на натпреварите по прва помош од Црвен крст на РСМ. Во истите детално е објаснето како треба одредена повреда да се санира, но битна е и психолошката помош која треба да се пружи, вели Марио Ѓорески.
- Оваа награда за нас беше доста очекувана. Големо е задоволство што освоивме прво место. Се надевам дека и други после нас ќе продолжат да одат на натпревари и да учат за пружање прва помош, бидејќи не е едноставна работа која секој би можел да ја прави. Битно е секој да знае да пружи било каква форма на прва помош бидејќи на некој тоа може да му спаси живот. Во поглед на подготовките тие се интензивни. Минатата година за Државниот натпревар се подготвуваме месец дена, додека за Регионалниот сега имавме само нецела недела. Задоволни сме со успехот кој го постигнавме, вели Андреј Пуфтоски.
- Конкуренцијата на Регионалниот натпревар беше доста тешка, беше доста неизвесно, но се на се мислам дека одлучи нашата тимска хемија. Најподготвени бевме, се знаеме веќе втора година, да се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина така. Ако се пласираме на Државното првенство ќе продолжиме и на Европско, вели капитенот на екипата Кристијан Лошкоски.
- Несреќите се случуваат во секојдневниот живот. Првата помош е исклучително важна и најефикасна да се пружи во првите пет минути. Затоа апелирам до граѓаните, посебно до младите да се вклучат во активностите на Црвен крст и да научат прва помош, вели Симона Новеска.
Учесниците кои воедно се и ученици во СОСУ “Св.Кирил и Методиј”-Охрид упатија голема благодарност до Црвен крст Охрид, Даниел Наумоски, волонтер во Црвен крст Охрид и тренер по прва помош и професорката Ивона Наумоска Опетчевска.
Црвениот крст посветува драгоцено и големо внимание на првата помош, како едно од основните дејности, вели Мимоза Ставрева, секретар на ОО Црвен крст Охрид.
Јавното овластување несомнено државата го дала на Црвениот крст на Македонија и општинските организации да ги спроведува обуките за прва помош за возачи, работни организации и пловни објекти. Тоа што е битно за нас е што се трудиме сето тоа да го вратиме во заедницата и секоја година спроведуваме кампањи за прва помош и обуки во училишта каде обучуваме и преку 1000 ученици и ментори, наставници во училиштата, правиме симулациски вежби или заеднички показни вежби со другите институции од цивилната заштита. Првата помош што ја учат децата преку овие обуки во Црвен крст Охрид е реална, вистинска и се обучени да делуваат во реално време, посочува Ставрева.
Следува периодот за подготовки на екипата за Државниот натпревар по прва помош кој ќе се одржи во септември годинава.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски