Европската Комисија (ЕК)ја задржува препораката за почеток на пристапни преговори на Македонија со Европската Унија, соопшти вчера  во Брисел, еврокомесарот за проширување Штефан Фуле, јавува „Макфакс“.

Истовремено, комесарот повтори дека за да се донесе оваа одлука од страна на Европскиот Совет (ЕС), е потребно едногласна одлука на сите земји членки. Поради тоа, повика на решавање на спорот со името со Грција во рамки на Обединетите Нации (ООН) .

„Што се однесува до Поранешната Југословенска Република Македонија, таа продолжува задоволително да ги исполнува политичките критериуми. Комисијата ја повторува својата препорака дека преговорите за пристапување во Европската Унија (ЕУ)  треба да бидат отворени. И покрај тоа, едногласна одлука на земјите-членки е потребна за да започнат преговорите. Договорено и заедничко прифатливо решение за прашањето со името под покровителство на Обединетите Нации е суштински важно.“, изјави Фуле.

Европската Комисија во годишниот извештај за напредокот на Македонија констатира задоволително исполнување на политичките критериуми од страна на земјата и бара дополнителни напори во однос на судството, јавната администрација и слободата на изразување во медиумите.

Брисел констатира стабилност на владината коалиција и соработка меѓу политичките сили. Прогрес се забележува во однос на реформата на парламентот, полицијата, судството, јавната администрација и заштитата на малцинствата.

„Сепак, понатамошни напори се потребни во однос на политичките критериуми, особено во однос на актуелната загриженост во однос на независност на судството, реформата на јавната администрација и слободата на изразување во медиумите. Политичкиот дијалог треба да се зајакне“, се вели во заклучокот на комисијата.

Во однос на судските реформи, Брисел констатира ограничен напредок. Се констатира  подобрување во однос на финансирањето на судовите, но се забележува на немање напредок во однос на имплементирањето на законските одредби во пракса.
           
Односите со соседите се оценуваат како генерално добри. Позитивно е оценет фактот дека со демаркацијата на границата со Косово, Македонија повеќе нема отворени гранични прашања. Во овој дел на извештајот се бара воздржување и избегнување на изјави и потези што може негативно да влијаат врз добрососедските односи.

„Одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и преговарање за заедничко прифатливо решение за името, под покровителство на Обединетите Нации, останува суштински важно“, се вели во извештајот.

Напредок комисијата забележува во однос на исполнувањето на економските критериуми. Брисел бара понатамошно зајакнување на правниот систем, со цел економијата да може да се носи со конкуренцијата и пазарните притисоци.

OhridNews
извор:„Макфакс“