Европската комисија (ЕК) очекува сите судски постапки во земјата да бидат спроведени со целосно почитување на националното како и на меѓународното право, а, исто така, и назначување на специјалниот обвинител, во согласност со договорот од 2-ри јуни, изјавиле од Делегацијата на ЕУ во Скопје за Deutsche Welle.

„Европската комисија не ги коментира поединечните судски случаи, особено не оние во прв степен, кои се предмет на жалба и на тој начин не се конечни. Европската комисија очекува сите судски постапки во земјата да бидат спроведени со целосно почитување на принципите на националното, како и на меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика според Европската конвенција за човекови права. Европската комисија очекува Специјалниот обвинител да биде назначен и да ја врши неговата/нејзината функции целосно во согласност со политичкиот договор од 2-ри јуни“, се вели во изјавата од Делегацијата на ЕУ, како коментар на судската одлука со која снимките од прислушуваните разговори се издвојуваат како незаконски прибавени докази.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје во вторникот соопшти дека судија на претходна постапка донел решение со кое снимките од телефонски разговори и транскрипти поднесени со кривичната пријава од СДСМ против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Сашо Мијалков и уште пет лица, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно со член 12 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП) не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука.

Рокот за жалба која може да ја поднесат обвинителите, истекува во рок од три дена од денот на приемот на судската одлука во Обвинителството.

OhridNews

Извор:„Макфакс“