Европската комисија обезбеди позајмици за Северна Македонија во износ од 50 милиони евра, како прва транша од тековната операција за макрофинансиска помош за земјата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти денеска Еврокомисијата, овие средства треба да обезбедат дополнителна поддршка за Северна Македонија, чија економија е сериозно погодена од енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина.

Помошта ќе ја поддржи макроекономската стабилност и ќе обезбеди понатамошни реформи поврзани со тековната програма на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Северна Македонија. Тоа ќе и помогне на Северна Македонија и да напредува на нејзиниот европски пат, се додава во соопштението.

Обезбедувањето на оваа поддршка следува откако Еврокомисијата утврдила дека земјата ги исполни релевантните политички обврски договорени со ЕУ за ослободување на првата транша.

Северна Македонија постигна напредок во областа на јавните финансии со формирање на независен фискален совет и со зајакнување на управувањето со јавните инвестиции. За да ги подобри јавните приходи, Северна Македонија усвои мерки за даночна политика кои ја прошируваат даночната основа. Владата, исто така, постигна дополнителен напредок кон формализирање на неформалната економија и презеде мерки за подобрување на енергетската ефикасност. На крајот, Владата го зајакна судството со нова Стратегија за реформи во правосудството, потенцира Европската комисија.

Инаку целокупната тековна операција за макрофинансиска помош за земјава е во вкупна вредност до 100 милиони евра во форма на заеми. По исплатата на оваа прва транша од 50 милиони евра, останува на располагање втора транша во истиот износ, чие ослободување ќе зависи од напредокот во имплементацијата на договорените услови.

Макрофинансиска помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со земјите од соседството наменет како исклучителен инструмент на Унијата за одговор на кризи, кој им е достапен на државите опфатени со процесот на проширување, како и на земјите од поширокото европско соседството што имаат сериозни проблеми со платниот биланс.

Предлогот на ЕК за оваа операција на макрофинансиска помош за Северна Македонија беше одобрен од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 12 јули минатата година. Севкупно, од 2020 година, па со се последните 50 милиони евра, ЕУ на земјава досега и исплати околу 210 милиони евра поддршка во рамки на макрофинансиската помош.

OhridNews