Македонија има право, во согласност со меѓународните закони, да ги контролира лицата кои сакаат да влезат на нејзина територија и да им забрани влез на оние кои не ги исполнуваат критериумите. пренесува спрската агенција Танјуг повикувајќи се на службата за односи со јавноста на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, во врска со одлуката на македонската влада за прогласување вонредна кризна состојба на јужната граница поради бранот имигранти од Грција.

 Европската комисија претходно соопшти дека од блиску го следи развојот на настаните на јужната граница.

„За Македонија. Ние сме свесни за одлуката на Владата да прогласи кризна состојба на регионите на јужната и на северната граница. Ние сме во контакт со властите и со Високиот комесар за беглаци на ОН. Во оваа фаза ние од блиску го следиме развојот на настаните и мерките кои се или би биле преземени од владата и ние ги утврдуваме фактите“, изјави портпаролката на ЕК, Катарина Реј и нагласи дека .Комисијата е подготвена и натаму да ѝ дава хуманитарна помош на земјата за справување со криза со имигрантите.

„ЕУ веќе доставува хуманитарна помош за ПЈРМ за справување со миграцискиот притисок. Ние ја финализираме програмата за менаџирање со миграцијата за Западниот Балкан и Турција во висина од осум милиони евра кои ќе ги имплементираме во септември 2015 година“, рече Реј.

Поддршка за одлуката на Владата да прогласи кризна состојба на границата стигна од претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Ан Брасер, пренесе телевизијата Алфа. Но притоа Брасер повикува на претпазливост од можни последици од преземните мерките
.
„Ја споделувам загриженоста на властите кои мора да се соочат со непредвидлива и сериозна ситуација. Истовремено подвлекувам дека секоја мерка преземена од властите мора да биде во согласност стандардите на Советот на Европа за човековите права“, се вели во писмената изјава на претседателката на ПССЕ.

Според неа ситуацијата во Македонија уште еднаш потврдува дека феноменот со миграцијата е нешто на што не може да се одговара изолирано од страна на одделни држави, туку треба да се третира од европска и глобална перспектива во што сите земји би презеле своја улога и одговорност.

OhridNews

Извор:„Макфакс“