Најдобриот поединец од минатата сезона во охридскиот ракометен состав, Кирил Колев е првиот играч кој не ја продолжи соработката со Охрид и се договори со битолски Пелистер.
Популарниот „Шора“ со битолскиот суперлигаш кој гради квалитетна екипа за следната сезона потпиша договор на една година со можност за продолжување на соработката.
– Задоволен сум од амбициите на клубот и личните услови кои ми ги понудија. Пелистер е големо име во македонскиот ракомет и се надевам дека со екипата ќе ги остваривме зацртаните планови. – рече за Ohrid News, Кирил Колев.
Во охридските редови корпулетниот Колев пристигна од Зомимак и во две години успеа да се претвори во лидер на „гладијаторите“ кои минатата сезона имаа историски успех пласирајќи се во плејофот од Супер лигата и завршницата од Купот на Македонија.
Претходно, Ракометниот клуб Охрид го напушти Горан Андоновски откако клубот не ја прифати поканата од Ракометна федерација на Македонија за учество во Европа.
OhridNews