Собирањето на потписи ќе започне од сабота во Охрид, а според планираното, во текот на наредната седмица, треба да се реализира и во Струга, Ресен, Битола, Скопје и во други градови каде што живеат припадници на египќанската заедница. Граѓаните на Охрид, кои ќе сакаат да ја поддржат оваа иницијатива, ќе може да го дадат својот потпис на штандот, кој за таа намена ќе биде поставен кај Чинарот, после 10 часот.
– По собирањето на потписи, оваа иницијатива ќе ја доставиме до претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, по што истата треба да се најде на дневнен ред на некоја од наредните седници на Собранието. Се надеваме на поддршката од сите пратеници, без разлика на нивната партиска и национална припадност– изјави Демир Далип, претседател Иницијативниот одбор за египќанско национално единство. Тој објаснува дека иако на последниот попис немало посебна графа за изјаснување на Египќаните, граѓаните од овој етникум се попишани во графата за останатите етнички заедници.
Етничка идентификација на Египќаните е актуелна од деведесеттите години, на минатиот век, но тие, до сега не успеаја да добијат статус на малцинство и да станат дел од уставната преамбула. Се смета дека причина за оваа состојба е силното лоби на Ромите и неединството во заедницата на Египќаните. Под разни притисоци и ветувања, со години наназад, Египќаните се приклонувале кон разни политички партии, а во пописите се изјаснувале како Роми, Албанци, Турци итн.