Египетските власти притворија птица преселничка која еден граѓанин очигледно со вишок патриотизам ја осомничи дека е шпион, во сличен случај каков што пред неколку месеци имаше во Турција, пренесува „Макфакс“.

Маж од покраината Кена, околу 450 километри југоисточно од главниот град Каиро, открил птица која на ногата имала прицврстен електронски уред заедно со уште други четири во близината на неговата куќа и сите ги „привел” во полициска станица.

Ветеринарскиот совет, меѓутоа, утврдил дека не станува збор за шпионска направа, туку за уред на француски научници за следење на птиците преселнички кои покрај тоа и престанал да работи откако ја минале француската граница.

Со немирите кои го зафатија Египет изминатиот период се зголеми и сомничавоста, така што ова не е првпат птиците да бидат обвинети за шпионажа. На почетокот од годинава припадник на обезбедување пријави во полицијата дека фатил гулаб кој носел микрофилм.

Кутрата птица, којашто властите упорно ја нарекуваат лебед иако од фотографиите јасно станува збор дека станува збор за штрк, и покрај разјаснувањето останува во „притвор”, односно во кафез во полициската станица, бидејќи неа може да ја ослободи само обвинителството.

На крајот од јули, турските власти ослободија сокол кој беше осомничен за шпионажа во полза на Израел, откако со рентген снимки се уверија не е опремена со никакви направи за шпионирање.

Соколот предизвикал сомнежи откако жителите на турското село Алтинајва околу неговата нога забележале метален прстен со натпис „24311 Tel Avivunia Israel” и го предале на властите. Односните меѓу поранешните блиски партнери Анкара и Тел Авив, последните години се заострени, а во Турција се спроведува силна антиизраелска кампања.

Птицата била прегледана на ветеринарната клиника и не е откриено дека носи какви да се сомнителни микрочипови или уреди за прислушување, a дневниот весник Milliyet, на насловната страница го објави наодот од радиограмот на овој пердувест „израелски шпион”.

OhridNews
извор:„Макфакс“