Охридските Египќани бараат соодветна застапеност при новите вработувања во МЈП „Проаква“. Апелираме до директорот на „Проаква“ да ги почитува принципите на Охридскиот рамковен договор согласно кој тие треба да имаат соодветна застапеност при нови вработувања во јавни институции, изјави на прес конференција Демир Далип, претставник на политичката партија Сојуз на Египќани.
Голем број египќани конкурираа за новите работни места во „Проаква“ и убеден сум дека ќе се земе во предвид актуелната социјална положба на овие граѓани и тие соодветно и правично ќе бидат застапени при распределба на новите работни места во МЈП „Проаква“, вели Далип.
Египќаните бараат вработувања во „Проаква“
Ова е прв пат по долго време Сојузот на Египќаните една прес конференција да посвети на реалните проблеми на припадниците на оваа етничка заедница. Впечаток е дека непотребно агресивниот стил и претераното експонирање во јавност на водството на партијата спротивно на очекуваните ефекти придонесоа за опаѓање на интересот на медиумите за нивните активности. Веројатно и затоа последните пресови на партијата или здружението, зад кои дејствува г-нот Демир Далип повеќе се игнорирани од локалните медиуми, на што тој отворено реагираше во јавноста. Решавањето на реалните проблеми на граѓаните подразбира сериозен пристап и затоа одговорноста на политичките лидери, без разлика на големината на партијата, е дотолку поголема, поради што тие мора да водат сметка на јавните настапи да ги застапуваат интересите на граѓаните. Во спротивно тоа е злоупотреба како на граѓаните така на медиумите.
ohridnews