СВР Охрид на целото подрачје кое го покрива, своите обврски на безбедносен план ги извршува професионално, пожртвувано и посветено. Законитоста во работењето, професионализмот, транспарентноста се основниот белег во нашата комплексна и легитимна полициска работа, рече на денешната свеченост по повод Денот на македонската полиција, началникот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Оливер Ефтимов.

Работата на СВР Охрид е ефикасна, ефективна и се темели на владеењето на правото и демократските принципи и со целосно почитување на основните човекови права и слободи и вистинските вредности на општеството, истакна началникот Ефтимов.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, пред бројните присутни гости потенцира дека СВР Охрид е современа полициска организација која им служи на граѓаните и која ефикасно работи во одржувањето на јавниот ред и мир, во борбата против сите видови криминалитет, во откривањето на сторителите на казнените дела и во другите сегменти од полициските работи, применувајќи ефикасни правни и демократски  процедури и стандарди.

– Во текот на првото тромесечие од оваа година, на подрачјето на СВР-Охрид регистрирани се вкупно  447 кривични дела од сите области што претставува  намалување за 19% во однос на истиот период минатата година кога сме евидентирале 555 кривични дела. Во делот на класичниот криминалитет, во овој три месечен период регистрирани се 372  кр.дела. Тоа е намалување за 25  % во однос на периодот јануари-март 2014 кога имало 499 кривични дела. Зголемување на регистрирани казнени дела бележиме во областа на економски криминалитет. Во првото тромесечие регистрирани се 30  казнени дела  а во истиот период лани  (26) кривични дела, рече Димоски.

Димоски додаде дека намален е бројот на регистрирани тешки кражби за 30%.

Во периодот јануари-март на ниво на СВР Охрид сме регистрирале 194  а лани во истиот период 294 тешки кражби. Вложен е голем напор во расветлувањето на овие казнени дела и пронаоѓање на сторителите со што ефикасноста на службата е зголемена и достигна 44 проценти во однос на ланските 32 проценти. Во текот на првото тромесечие од 2015 година на подрачјето на СВР-Охрид, ЈРМ не е нарушен во поголем обем и со потешки последици. Вкупниот број на прекршоци од областа на ЈРМ е ист во споредбените периоди и изнесува 129. Безбедноста во сообраќајот е значаен сегмент од работата на СВР Охрид. Со деноноќно присуство на сообраќајниците, ПС БПС низ превентивни и реактивни мерки  делува кон намалување на бројот на случени сообраќајни незгоди. Во првото тромесечие годинава случени се 56 сообраќајни незгоди  со потешки последици што претставува намалување во однос на истиот период лани кога сме регистрирале 67 вакви незгоди. Соодносот на настраданите лица е 100 годинава со 104 лани  односно 4 загинати годинава со три загинати лица лани во периодот јануари-март, рече Димоски.

Пред присутните се обрати и претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, која изрази задоволство од соработката на локалната самоуправа со СВР Охрид и резултатите кои ги постигнува секторот во својата работа, а кои резултати директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните во Охрид и се одразуваат врз квалитетот на престојот на сите оние кои го посетуваат градот.

Задоволство е што неколку години по ред Охрид го потврдува имиџот на мирен и безбеден град. Бројот на несакани настани од типот на нарушување на јавниот ред и мир се намалува и тоа е нешто за што сите ние како граѓани и вработени треба да им се заблагодариме на вработените во секторот, рече Коњановска.

Во рамки на одбележувањето на празникот, претставници на СВР Охрид, денес ја посетија детската градинка „Јасна Ристеска“ каде присуствуваа на пригодна претстава. Децата од градинката заедно со ученици од ОУ ,,Братство и единство“, го посетија Секторот за внатрешни работи Охрид, каде се запознаа со работата на СВР Охрид и имаа можност да видат дел од  опремата и материјално-техничките средства од полицијата и Територијалната против-пожарна единица од Охрид.

Т.К.