Долгорочните кредити за мали бизниси кои се обезбедуваат од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) до сега имаат овозможени развој и напредок на голем број микро и мали претпријатија во Охрид. Едно од тие претпријатија е и охридската фирма за дизајн и производство на мебел “Кентерс”, која како пример за добар развој  деновиве ја посетија и високите претставници на ЕФСЕ.

Сопственикот на фирмата Димче Стојоски вели дека благодарение  на Про Кредит Банка, која е една од четирите комерцијални банки во Македонија, кои  овозможуваат кредити од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) го осовременил производството во својата фирма.

-Кредитите кои се наменети за развој на малите препријатија имаат голема заслуга за развој на нашето препријатие.Ни овозможија да ја купиме потребната опрема и да го модернизираме производството, при што од  една работилница прераснавме во една поголема фирма која остварува големи успеси во работењето. За успешноста на фирмата говори и широката палета на производи, повеќе стотици опремени кујни, спални, дневни и детски соби, како и комплетно уредување на станови, јавни објекти и канцеларии-вели Стојоски.

Тој ги охрабрува сите сопственици на мали бизниси да веруваат во банките кои обезбедуваат средства од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) затоа што времето на економска криза со која се соочува стопанството кредитите се  неизбежен дел работењето и опстанокот на пазарот.


Од Про Кредит Банка велат дека од 2007 година до денес од  ЕФСЕ кредитната линија за развој на мали и микро претпријатија во Македонија имаат исплатено околу 1500 кредити во вкупна вредност од 2,5 милиони евра.

-Ако се водиме од интересот кој што го покажаа клиентите за овој вид на кредити во последните две години, секако дека се очекува зголемување на интересот и кај останатите сопственици на мали претпријатија кои ќе се одлучат својот бизнис да го развиваат со помош на средствата за кредитирање кои се обезбедени од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)-велат од Про Кредит Банка. Тие нагласуваат дека досега на подрачјето на  Охридскиот регион имаат издадено голем број кредити од ЕФСЕ-кредитната линијата, со кои го потпомогнале развојот на голем број микро и мали фирми.

ЕФСЕ Фондот во Македонија започна со своите активности во 2006 година. Уште од почетокот на својата работа обезбеди 46 милиони евра за финансирање на локалните и комерциалните банки. За наредните пет години за финанасирање на овие институции ЕФСЕ планира да обезбеди дополнителни 60 милиони евра наменети за за долгорочно кредитирање на микро и малите претпријатија во Македонија.

Повеќе од 200 претставници на партнерите на ЕФСЕ од целиот свет, вклучувајќи експерти за развојно финансирање, финансии и банкарство присуствува на Годишниот состанок на ЕФСЕ што се одржа во Охрид.

Е.Е.