Задоволен од својaта презентација, по проспиениот викенд Кристијан Ефремов ги сумира впечатоците од настапот во Лондон.


Тој на трката на 400 метри успеа да го подобри своето најдобро време. На игрите настапи со покана, но очекува за 4 години да ги стопи двете секунди кои му недостигаат за настап со норма во Рио Де Женеиро.

– Пресреќен сум шо го дадов максимумот токму кога тоа беше најпотребно. Верував во себе, напорно тренирав изминативе 3 години и сиот труд резултираше со личен рекорд. Атмосферата на олимпискиот стадион беше прекрасна за време на трката, што дополнително ме мотивираше да дадам сè од себе. Секако дека имав трема пред настапот, но верував во себе и како се ближеше стартот на трката се концентрирав сè повеќе и повеќе. Кога излеговме на Олимпискиот стадион, доаѓаа овации и емоции од сите во публиката. Тоа ме опушти и ми даде поттик да истрчам најдобро што можам.

Постигна личен рекорд, на овие игри настапи со покана, го чека нов четиригодишен циклус за Олимписките игри во Рио Де Женеиро во Бразил 2016 година. Ефремов посакува таму да настапи со остварена норма.


– Со условите кои ги имав, презадоволен сум од постигнатиот резултат (47.92). Од олимписката норма ме делат точно 2 секунди. Со многу подобри услови и напорна работа, убеден сум дека по четири години во Рио ќе настапам со норма. За време на нашиот престој овде мојот тренер Ѓорѓи Вучков воспостави контакт со соседните атлетски федерации за да учествувам на меѓународни атлетски митинзи по завршувањето на Олимписките игри – вели Ефремов.


Ефремов во живее сонот на секој спортист, да се биде дел од Олимписките игри каде настапуваат спортските великани. Сепак не е лесно да се стигне до суперзевездите.


–  Атмосферата во олимпиското село е прекрасна. Тука има навистина сè! Најголемите ѕвезди не се сместени во селото, но кога ќе се појават близу стадионите околу нив се собираат сите. Всушност, луѓето овде ги ценат сите Олимпијци. Досега излегов неколку пати од селото и повеќе луѓе бараа да се сликаат со мене, да им дадам автограми, интервјуа и слично. По завршувањето на мојот настап имам многу повеќе време за опуштање и шетање низ Лондон. Освен атлетика, гледаме и други натпревари во живо. Досега бев на гимнастика и пливање, го следев машкиот триатлон и полуфиналето во фудбал помеѓу Мексико и Јапонија – завршува Ефремов.

М.П.