Атлетичарот Кристијан Ефремов го оствари својот сон, тој ќе биде еден од четворицата македонските спортисти кои ќе учествуваат на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон.

Ефремов ќе настапи во квалификации на трката на 400 метри, 21-годишниот атлетичар се надева дека во Лондон неговиот личен рекорд од 48, 26 ќе му го донесе барем триесет и четвртото место.

„Чувството да се биде дел од Олимпијадата е феноменално. Голема чест е да ја претставуваш својата земја на Олимпијада, кога знамето на Македонија ќе се вее таму. Се надевам дека со подобрување на мојот резултат можеби и ќе бидам меѓу првите дваесет, но за тоа се потребни добри услови за тренирање. Но со оглед на условите што досега ги имам јас сум задоволен од мојата форма”, рече Ефремов.

За настапот на олимписките игри, Ефремов се подготвува под будното око на тренерот  Ѓорѓи Вучков. Тој вели дека Кристијан е во добра форма и покрај лошите услови за тренирање.

„Нашата цел е да не бидеме последни, како што не бевме последни ниту на претходните олимписки игри во Пекинг кога нашиот учесник успеа да победи 16 атлетичари. Се надевам дека Кристијан ќе победи ако не повеќе барем два три атлетичари”, рече Вучков.

Иако скромно и во тешки услови за тренирање, Ефремов не се откажува од својот сон. Со финансиска помош од општина Велес ќе патува за Лондон, но бара поддршка од бизнисмените и државата.

„Имам испратено неколку барања до неколку компании во градот но досега немам добиено одговор, а што се однесува до државата се надевам дека ќе застане зад моето учество во олимпијадата и дека ќе добијам финансиска поддршка”, рече Ефремов.

Младиот атлетичар вети дека достојно ќе ја претстави Македонија на ЛОИ во Лондон.

“макфакс“
Ohridnews