Пред 60 години, во далечната 1947 година група ентузијасти од Охрид, Методи Патче, Насте Мише, Борис Бабаче, Насте „Црниот“, Димитри Јанков, Харалампие Константиноски и други на иницијатива на тогашниот капетан на морнарицата го формирале бродарското друштво „Стрмец“, предвесник на едриличарството во Охрид, на чии темели е формирана Едриличарската федерација на Македонија-ЕФМ, која денеска одбележува 6 децении од постоењето.
Димитри Јанков
„Мојот зет Марко Сершиќ, ја направи првата едрилица во Охрид, со која јас пловев и тоа беше вистинска атракција во тоа време“, се сеќава на почетоците на едриличарството на Охридското Езеро, Димитри Јанков (88), учесник на основачкото собрание на Бродарскиот сојуз на Македонија.
Во ЕФМ денес партиципираат 10 клубови, а најактивни се тие од Охрид и Струга кои годинава учествуваа на 14 регати на Балканот каде постигнаа солидни резултати.„ЕФМ во иднина ќе настојува да овозможи уште подобри услови за развој со што едрењето во Охрид ќе се подигне на уште повисоко ниво“, истакна претседателот на ЕФМ, Љупчо Поп Стефанија.
Некогаш и сега-Поп Стефанија и Јанков
На свеченоста ЕФМ прогласи 11 истакнати спортски работници за почесни членови на федерацијата, а им беше оддадена благодарност на повеќе институции и медиуми за подршката во развојот на овој спорт во Охрид.
На свеченоста ЕФМ за најдобри во 2007 ги прогласи Ивана Фармакоска и Димитар Поп Стефанија. Од годинава празникот Свети Никола-заштитникот на морепловците, ќе биде денот на кој едриличарите ќе ги одбележуваат јубилеите.
Горан Момироки