Стотина реномирани експерти, професори од областа на туризмот од 16 држави од регионот, но и од Европа и САД денес и утре во Охрид ќе дискутираат за влијанието на светската економска криза врз туризмот. Тоа е главната тема на 10-та јубилејна научна конференција што на секои две години ја организира Факултетот за туризам и угоститество од Охрид.

Експертите во рамките на собирот ќе разговараат за влијанијата на рецесијата врз туризмот како стопанска дејност и се разбира ќе предложат одредени мерки и активности за ублажување на негативните ефекти од светската економска криза, истакна Јован Стојаноски, продекан на ФТУ – Охрид.


проф. д-р Јован Стојаноски

Според Стојаноски сеуште е рано да се зборува какви ќе бидат ефектите од светската економска криза, при што нагласи дека во голем дел тие се и од психолошка природа.

Ние ги чувствуваме психолошките ефекти, кои се особено изразени во туризмот. Можеби се уште е рано да се зборува за ефектите што ќе ги има  економската криза врз македонското туристичко стопанство, оттаму што Македонија се уште не ги почувствувала ефектите од рецесијата. Како туристичка дестинација Македонија е во криза години наназад поради други фактори, така што е рано да се зборува за ефектите од рецесијата, но во секој случај македонската стопанство треба да е подготвено на неповoлни последици, предупреди Стојаноски.


Во врска со кампањата на Агенцијата за промоција на туризмот за поставување рекламни билборди во главните градови на државите од соседството, Стојански рече дека секој обид за презентација на Македонија надвор е добар и потребен, под услов да бидат покриени трошоците.

Туризмот е организирано движење на луѓе, а за да имаме организирано доаѓање гости во Македонија секако треба да организираме, создадеме , креираме еден туристиччки производ што ќе им го понудиме на тие гости. Мислам дека во овој момент не сме подготвени за тоа, рече Стојаноски.


Фотис Калипирис – проф. на Унив. „Атеи“ – Солун

Според експертите во време на економска криза за очекување е дека туристите ќе ги скратат деновите на одмор што дополнително негативно ќе се одрази на оваа стопанска дејност. За да се избегне тоа одредени дестинации ги намалуваат цените за да ги привлечат туристите, истакна Фотис Калипирис, професор на Универзитетот „Атеи“ од Солун. Според него луѓето ќе продолжат да патуваат и во иднина, но во специфични услови на криза тоа ќе биде во помал обем поради високата цена на транспортните трошоци. Калипирис смета дека политичките недоразбирања на Балканот  треба да се надминат, а туризмот е фактор кој ги зближува луѓето и може да придонесе тие да бидат разрешени.

Ohridnews