Во рамките на проектот за заштита на охридските плажи од цврст отпад екипата на ohridnews.com  деновиве на десет најфреквентни плажи на охридската ривиера постави информативни табли  со едукативна содржина.


информативните табли на ohridnews

Таблите на кое стои логото на кампањата и порака на македонски и англиски јазик за заштита на плажите од цврст отпад, се поставени на плажите кај Студенчишта, Горица 2 кај х. „Инекс“, плажата „Немо“-Горица 3, Славија, Лагадин. Елешец, Градиште и во Свети Наум.


плажа „Корали“


Славија…

Покрај ова изработени се видео и аудио спотови кои веќе  се емитуваат на локалните медиуми, а во шпицот на туристичката сезона на една од охридските плажи  ќе биде организиран голем eко-хепенинг со познати  водители од Охрид и ди-џеи кој ќе биде пренесуван во живо на охридското Супер радио. Сите детали за проектот можат да се најдат  на  специјалната интернет страна што ја подготви нашиот тим  eko.ohridnews.com.

Проектот е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, а целта е да се влијае на зголемување на свеста кај пошироката јавност за заштита на охридските плажи како природно богатство што треба да се зачува и за идните генерации. 

Истражувањата што ги направи ohridnews покажуваат дека во летниот период јавното комунално претпријатие од Охрид  дневно подига по 60 тони отпад, што е двојно повеќе отколку во останатиот дел од годината. Голем дел од отпадот се фрла на несоодветни места на самите плажи за што говори податокот дека ЈП “Охридски комуналец“ во акциите за генерално  чистење на плажите по завршувањето на главната туристичка сезона собира до 20 тони најразличен цврст отпад од плажите.

Најзагрозени се деловите каде има најголема фреквенција на луѓе – популарните плажи, но и некомерцијализираните плажи каде исто така несоодветно се одлага цврстиот отпад. Статистички дневно еден жител во просек прави од 0,7 до 0,9 килограми отпад, а во Охрид во летната туристичка сезона покрај 50-те илјади жители има и по 30.000 туристи, кои најголем дел од времето го минуваат на плажите.

ohridnews