Отсекот за превенција при СВР Охрид деновиве реализираше повеќе едукативни кампањи во неколку основни училишта на подрачјето на Охрид на тема „Меѓуврсничко насилство и интернет насилство“.
Полициските службеници низ интерактивна комуникација со учениците, говореа на темата како облик на насилства и агресивно однесување помеѓу младите, појавните форми на овие асоцијални и девијантни појави, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците со посебен акцент на начините за препознавање, избегнување, пријавување на истите, како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби за сторителите, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Претходно, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид на повеќе сообраќајници во градот, како и на автопатот Охрид – Кичево во изградба, спроведоа неколку превентивно едукативни кампањи од областа на сообраќајната безбедност поврзани со потребата и законската обврска за користење безбедносен појас, користење зимска опрема како и за доследно почитување на пропишаната брзина на движење.
Во рамки на концептот „Полициско работење во заедницата – Community Policing“, полициските службеници, реализираа и кампањи поврзани со заштита на граѓаните од кражби и други имотни деликти и им беа поделени едукативни летоци со низа практични совети за заштита.
Г.М.
Фото: Илустрација