Еукативна обука за интерпретација на наследство за одржлив развој на културниот и природниот туризам ќе се одржи од денес до 11 мај. Василка Димитровска од ХАЕМУС вели дека преку толкување на наследството учесниците ќе имаат можност да го подобрат своето знаење и вештини за креативна визуелизација и комуникација со цел да создадат културно-туристички производи кои преку искуството на самите гости ќе придонесат за одржлив развој на нашите локални заедници.

Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се облагороди природното и културното наследство, додава Димитровска потенцирајќи дека е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување на наследството, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот.

Оваа интерпретациска обука ги поддржува сите оние кои сакаат да ги подобрат, да внесат разновидност или да додадат вредност на нивните производи и услуги, користејќи го природното и културното наследство и притоа да создадат „искуства од прва рака“ важни за посетителите. Учесниците ќе имаат можност преку голем број интерактивни и креативни вежби да имплементираат идеи за примена на нови туристички производи, да ги подобрат постоечките услуги и да ги промовираат своите производи во ново светло, вели Димитровска.

Обуката ќе биде во насока на доближување на методите за интерпретација на наследството кои се одлична бизнис алатка за поттикнување на локалната економија.

Оваа обука пред сѐ наменета за сите оние кои професионално се занимаваат со одреден бизнис којшто во голема мера го допира природното или културното наследство, но главно е фокусиран на локалната гастрономија, додава Димитровска.

Обуката е поддржана од европската програма i-Portunus, а е во организација на ХАЕМУС.

OhridNews