Школата за едрење се состои од 2 дела: теоретски и практичен. Во теоретскиот дел се учат основните делови на едрилицата и нејзината опрема, основи на метеорологијата, основните едриличарски принципи и однесување на вода, како и основните регатни правила. Низ практичниот дел се изучуваат основното управување со едрилицата, едрење во различни курсеви во однос на ветерот, едрење по слаб и умерен ветер, основни едриличарски јазли.
Школата за едрење трае во текот на целото лето, а во зависност од напредокот, новите членови се вклучуваат во понапредна група и добиваат можност да настапат на дел од националните и меѓународни натпревари низ Европа на кои овој клуб е редовен учесник. Клубот посебно ги поканува сите девојчиња кои сакаат да се занимаваат со спорт да се запишат во школата за едрење.