Околу 30 едрилици денес запловија на Охридското Езеро на едриличарската критериска регата „Заедно за иднината на езерото“. Заедничките заложби на организаторите на оваа регата е да се заштити езерото од испуштање на загадувачки материи во езерото, а со тоа да се заштити живиот свет и коритата да останат чисти.
Регатата за отворена ја прогласи претседателот на Едриличарска федерација Будимир Соколовиќ.
Едрилиците се надеваме дека во наредниот период ќе ги гледаме што помасовно на езерото и ќе гледаме што помалку други пловни објекти кои го загадуваат езерото. Денеска ви посакувам успех во натпреварувањето и дадете го својот максимум и покажете го се она што го научивте изминативе месеци, им порача на едриличарите пред стартот на регатата Соколовиќ.
На регатното поле денеска се натпреваруваат едриличари во три класи, најмалата и најбројната класа „Оптимист“, класата „Ласер 4-7“ и „Двосед“ класата 470.
18 натпреварувачи се од најбројната класа, класата Оптимист, во оваа класа учесници има од двата клуба, гостите од Струга од едриличарски клуб „Снегар“ и домашните „Акватика Јахтинг“. Морам да напоменам дека тоа се деца кои цело лето напорно тренираа во водите на Охридското Езеро и имаме и следни регати кои понатака ќе се бодуваат за репрезентација според календарот на Едриличарска федерација. Во класата „Ласер 4-7“ ќе настапат од двата клуба вкупно пет натпреварувачи, прв пат после долго време оваа класа почнува да функционира, а од класата „Двосед 470-ка“ ќе има 6 натпреварувачи“, истакна претседателот на „Акватика јахтинг“ Стефан Ставрев.
Репрезентацијата која ќе биде формирана од најдобрите едриличари ќе се натпреварува на Балканскиот шампионат кој доколку дозволи ситуацијата со корона вирусот, треба да се одржи од 1-10 септември.
Регатата е во организација на Едриличарска федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, и здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ , поддржана од градот Охрид и Сава пензиско друштво и Сава осигурување.
К.А.
Фото: А.Момироска