Носењето одлуки за давање согласност за формирање паралелки во основните и средни училишта со помалку од 20 односно 25 ученици предизвика жестока расправа кај советниците, при тоа осврнувајќи се на бројот на ученици во Охридската гимназија и едносменското работење. На седницата советниците излегоа со ставови дека се намалува воопшто бројот на запишани ученици, тренд кој трае години, поради иселувањето, но и дека сите треба да преземат чекор согласно можностите за задржување на младите тука. Воедно беше посочено и дека нема никаква поврзаност со бројот на запишани ученици за тековната година во Гимназијата со едносменската настава, туку дека истата се воведува со цел подобрување на квалитетот на настава.

Беше потенцирано и дека самиот концепт на средно образование, односно воведувањето на дуалното образование го дава резултатот да двете средни училишта економското и електромашинскиот училишен центар имаат зголемен број на ученици, но и вложувањето во овие две училишта како во условите за настава, така и во квалитетот го дава својот резултат. Од друга страна беше потенцирано дека, пак, во Гимназијата учат првенците на генерации од основните училишта што го побива фактот дека истата не е привлечна за упис на средношколци. Но, велат се работи на подобрување на условите во истата.

И овие одлуки ќе ги поддржиме во однос на основните училишта немам никави забелешки, но она на кое сметам дека треба да обрнеме внимание сè уште иако е подобрено, сè уште слабиот интерес за упис во Гимназијата. Претходната година зборував за иселеноста, но побарав да се направи и сеопфатна анализа за причините. И оваа година имаме барање за согласност за паралелки кои ќе бројат помалку од 25 ученици, 4 од нив ќе имаат по 14 ученици, 4 по 13 ученици. Природно е да се наметне прашањето дали на 2 септември ќе биде дворот во финална состојба и дали учениците и професорите ќе влезат во амбиент кој го заслужуваат. Се гледа сè уште дека не може да се каже дека е целосно завршен, рече координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.

Посочи на воведувањето на едносменско работење во Гимназијата од септември каде се наведува дека позитивно ќе се одрази на учениците поради концентрацијата, скринингот на професорите покажал дека сакаат да работат само во прва смена, трошоците ќе се намалени и вели тоа е во ред.

Но, воведување на едносменска настава во Гимназијата е тежок пораз, за сите граѓани на Охрид. 1080 ученици учеле во Гимназија од кои 544 ученици биле во една смена, а сега вкупно нема толку ученици во самата Гимназија. Генерации се иселија, ги изгубивме децата и тоа треба да ни претставува искрена грижа. Создадовме едно такво општество на деструктивност, нефункционално институции, многу ветувања малку реализација и се тоа се повторува во еден недоглед и жалам што е така. Колку што можеме како што знаеме сите во рамки на своето делување да делуваме и да се свртиме кон младите да ни останат тука, а за Гимназијата посакувам што побрзо да ги отворите вратите за втората смена, заклучи Ангелоска.

Раководителот на Секторот за образование при Општина Охрид Димитар Спасески потенцираше дека воведувањето на едносменската настава во Гимназија не е поврзано со бројот на ученици.

Денешната одлука не за кратење паралелки за да добиеме едносменска настава. Гимназија е приоритет преземени се низа мерки за да се дојде до ситуација Гимназијата да го издржи едносменскиот начин на работа. Многу добро знаевме како да го завршиме последниот проектот, но кога влеговме во градежни активности сфативме дека комплетната водоводна мрежа е азбестна. Со новиот приклучок старата инсталација почна да пропушта. Имаме континуиран процес на средување на тој дел. Струјата во Гимназија беше во многу тешка состојба. Почнавме од многу ниски параметри и случување. Сега имаме веќе две фази на нова електрична инсталација. Сме правеле двеипол годишен инвестициски циклус во рамки на Гимназијата. Дополнително работиме и готов е проектот, а следната недела ќе има состанок во Управата за заштита на природното наследство од каде ќе добиеме позитивно конзерваторско мислење за процесот на реконструкција. На еден од следните повици на Владата кој е најавен за општините планот на Градоначалникот е да аплицираме со готовиот проект за Гимназијата кој ќе изнесува околу 100 000 милиони денари. Уште 4 до 5 години ќе имаме инвестициски циклус во рамки на Гимназијата, како што имавме претходните години во другите две средни училишта, посочи Спасески.

Додаде дека 417 запишани првачиња има годинава, од кои мал дел се одлучуваат уште од средно училиште да заминат, но оние деца кои ќе останат нормално е да се распределат според нивните желби, посочувајќи дека двете стручни училишта во Охрид се исполнети.

Во однос на Гимназијата ако се согледаат овие аспекти не е страшна ситуацијата со децата. Имавме извитоперена ситуација во минатото кога се заобиколуваа економското и електро-машинскиот училишен центар. Едносменското работење не е поврзано со бројот на деца, туку со инвестициите каде веќе имаме кабинетска настава, вели Спасески.

Советникот Наум Јамандиев посочи дека едносменската работа не е пораз туку практичен пристап кон решавање на проблемите во образованието во Гимназија.

Ако практични ги разгледаме работите ќе видиме дека не е пораз, туку организација на наставата и заштеда на ресурси. Процентот на запишани деца е ист околу 20% низ годините. Но, имаме малку основци кои завршуваат. Законски ние под 60 поени не можеме да примиме ученици, додека во другите училишта може. Успесите се тие кои зборуваат за квалитетот на наставата, посочи Јамандиев.

Добро е во државата сите средни и основни училишта да работат во една смена, за да се намалат трошоците, рече советникот Ванчо Костоски.

Но, ако има поголем број запишани ученици ќе треба и поголем капацитет. Нормално е дека штом има помал број ученици дека ќе работат во една смена. Пораз е за сите нас намалениот број на ученици. Дај боже да можеме да ги доградиме сите училиштта да ги собира сите ученици во една смена, рече Костоски.

Треба да го имаме предвид квалитетот на наставата, а не бројот на учениците, рече советничката Деса Косаркоска.

Поради новиот концепт на дуално образование е намален бројот на ученици на Гимназија. Ова што се случува во Гимназија е поради новата структура што се создава во изборот на средното едуцирање на нашите млади и тоа зборува за една свесност на младината. Основен критериум за сменската настава треба да биде квалитетот на наставата. Според мене оправдано е едната смена во Гимназијата, додаде.

Апсолутно нема никаква поврзаност со бројот на учениците и едносманската настава во Гимназија посочи претседателот на советот во Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Не е важен бројот на учениците. Не е пораз од 100 ученици 10 да се борат за првенец на генерација. Дополнително е зголемен бројот на кабинети. Последниве години се бориме со тие паралелки и добро е што заврши времето на кратење на паралелки. Апсолутно не ги споредувајте бројките на вкупниот број ученици, 50 ученици се стипендисти на Општина Охрид, истакна Божиновски.

Директорката на Гимназијата, Светлана Велкоска, посочи на условите кои се обезбедени и на севкупната посветеност на наставниот кадар за квалитетен образовен процес.

Проблемот со бројот на запишани ученици не е од сега, имаме годинава 20 ученици повеќе од лани. Сите првенци на генерации од основните училишта се кај нас. Бараме да се отвори билингвална паралелка и се надеваме дека ќе ја добиеме. Бараме и некои работи кои ги има во Скопските гимназии да ги има и кај нас. Целта ни беше да ја отвориме Гимназијата. Имаме десет Еразмус проекти, посочи директорката.

На денешната седница советниците гласаа и за годишните програми за работа на училиштата, извештаите за работењето од претходната учебна година, како и за организирање на екскурзии.

Н.С.Ј.