На ден пред почетокот на НАТО самитот во романската престолнина Букурешт, останува отворена заканата за грчко вето на приемот на Македонија во алијансата. Жестоката реторика на грчките државни авторитети продолжува со несмален интензитет. Грција не го крие незадоволството од последниот предлог на медијаторот во спортот за името, Метју Нимиц, кој пак Македонија го смета за финален и црвена линија под која нема да оди.

Македонскиот државен врв иако демонстрираше неединство во последните неколку денови постигна договор според кој се одложува седницата на Собранието на која треба да се расправа за предлогот на Нимиц се додека тој не биде официјализиран.

Според најавите евентуален договор за спорот со името не се исклучува да биде постигнат и на самиот самит. Се посилни се најавите дека американскиот претседател Џорџ Буш лично ќе иницира средба на премиерите на Грција и Македонија, Караманлис и Груевски на која треба да дојде до финален компромис. Не се исклучува Буш на таа средба како адут во одоброволување на Грција да и вети дека САД ќе ја повлечат одлуката за признавање на Р. Македонија под уставно име и во иднина земјава да ја нарекуваат со новото име.


преговорите заврпија или допрва почнуваат

Како што е познато последниот предлог на медијаторот Нимиц е Република Македонија – Скопје за меѓународна употреба. За домашна употреба останува уставното име. Земјите кои досега ја признале Македонија под уставното име се охрабруваат да го употребуваат новото име но не се обврзани за тоа. Ниту една од двете земји ќе нема ексклузивитет на името Македонија, а идентитетот на нацијата, јазикот и културата останува македонски. За дел од експертската јавност и политичките партии во земјава ова е разумен компромис кој не го загрозува националниот идентитет на македонскиот народ. Други пак сметаат дека компромисот крие голема замка и опасност Македонија засекогаш да го изгуби сопствениот идентитет.

НАТО самитот во Букурешт започнува утре, Како што се дознава во предлог документот за проширување на алијансата стои дека Р. Македонија ги исполнува критериумите за членство во НАТО како и останатите двајца кандидати но единствена пречка е спорот со името.

Ohridnews