“Во анкетата што неодамна ја направивме со младите во Охрид, од вкупно анкетираните, 5,4 проценти беа Египќани. Како најголеми проблеми со кои се соочуваат тие се скапите курсеви по информатика и странски јазици, невработеноста и тешкиот пристап до информации при вработување”, рече претседателот на Младинскиот совет на Охрид, Димче Каневче. Тој додаде дека во оваа невладина организација волонтираат голем број Египќани кои членуваат и во други невладини организации. ” Сакаме да докажеме дека кај нас Египќаниете имаат еднаков третман како и сите млади и дека не треба да се прави дискриминација”, потенцира Каневче.
На денешната трибина, Соња Мариноска, лекарка во одделот за превенција во Здравствениот дом- Охрид ги повика Египќаните уредно да се евидентираат заради навремено вакцинирање и превенција од заразни болести. „Дел од нив го менуваат живеалиштето или доаѓаат нови жители во Охрид, па така немаме увид кој треба да се вакцинира”, рече доктор Мариноска.
Трибината се организира по повод 12 Август, меѓународниот ден на младите.