Почина еден член на персоналот за одржување, од двајцата повредени во експлозијата која одекна ноќеска на истанбулскиот аеродром „Сабиха Ѓокчен“.Жртвата која е идентификувана како Зехра Јамач, била со фатални повреди пренесена во болница по експлозијата во авион паркиран во делот на аеродромот за сервисирање на леталата. Другата жртва е идентификувана како Канан Бургулу и е згрижена во универзитетската клиника „Мармара“ во Истанбул.

„Во експлозијата чија причина сé уште не е утврдена, беа повредени двајца колеги во авионот на „Пегасус“. Во леталото во време на инцидентот кој се случи во 2 часот на 23-ти декември, немаше патници“, се наведува во писмената изјава на компанијата испратена до медиумите.Истанбулските медиуми наведуваат изјави на очевидци кои тврдат дека слушнале три последователни експлозии.Засега нема официјална квалификација на инцидентот, а полицијата започна истрага за утврдување на причините за експлозијата и приведување на можни осомничени.

Во Истанбул од изминатата ноќ се забележливи засилените безбедносни мерки. Областите на аеродромите „Сабиха Ѓокчен“ и „Ататурк“ се надлетувани од полициски хеликоптери, а на приодите кон нив се распоредени безбедносни контроли.Полицајци со заштитни елеци и автоматски пушки се распоредени веднаш по експлозијата на влезот од аеродромот. Полицијата, исто така, ги проверува сите возила во пошироката област на аеродромот, додека хеликоптер го надлетува подрачјето, пренесе агенцијата Анадолу.Аеродромските власти соопштија дека засега нема пореметувања во полетувањата и слетувањата на авионите, како и дека се испитуваат примероци од местото на експлозијата.

Полициски извори за агенцијата ДХА изјавиле дека се разгледуваат сите варијанти, вклучително и за можен терористички напад. Поради тоа од средата утрото, полициски хеликоптер ја надлетува областа и на другиот истанбулски аеродром „Ататурк“.

OhridNews

извор Макфакс