Една од шест жени во Македонија е жртва на физичко насилство, една од 10 на сексуално насилство, а 21 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години наоѓаат оправдување за насилството. Овие фрапантни податоци на Министертвото за труд и социјала беа изнесени на едукативната работилница за подигање на свеста кај девојките и жените за препознавање и превентива од насилството,  што денеска се одржа во просториите н Црвениот крст во Охрид.


Едукатори беа Гордана Ангеличин Жура , Александра Симоска и Сандра Костадионова, сите три студентки на филозоскиот факултет во Скопје и активистки на глобалното движење на „V-Day“ кое ги заштитува правата на жената. На работилницата присуствуваа 20 волонтери на клубот на млади од Црвен крст кои интерактивно се вклучија во работилницата со свои идеи и примери за надминување на овој навидум мал но сепак голем проблем со стереотипите кои се провлекуваат во нашето општество.


Целта на работилницата беше да се прикажат сите видови на насилство од кои повеќето  не сме свесни дека ни се случуваат секојдневно, како на пример: постојани навреди и критикувања, љубомора и посесивност, изолација, понижување и закани, присила на сексуален однос и др., велат едукаторите.


Кампањата за борба против насилство врз жената која се одвива под мото „НЕ СУМ ТВОЈА МЕТА“, ќе продолжи со низа активности за собирање средства за поддршка на шелтер центрите во нашата држава и изведба на  театарската претстава “Вагинални монолози“.

OhridNews