„Роден во држава која не постои повеќе“ е насловот на книгата на охриѓанецот Владо Велјаноски, кој живее во Холандија каде работи како професионален новинар во националната телевизија „НОС Студио Спорт“. Тој вчера во Амстердам потпиша договор со издавачката куќа „Carrera“, четврта по големина во Холандија, која ќе ја објави неговата книга.

Ова значи многу за мене. Книгата ќе остане како вечен подарок за мојата фамилија и блиските од Владо Велјаноски. После 100 години да читаат и другите генераци Велјаноски што и како било. Книгата ќе биде биде почит за мојот роден крај, мојата татковина. Почит за моите родители. – изјави за OhridNews новинарот, а сега и писател Владо Велјаноски.

Книгата половина ќе биде автобиографска, а половина ќе говори за животот во бивша Југославија, во која Владо е роден. За таа цел тој ќе патува низ поранешните Ју републики и ќе ги раскаже приказните на обичните луѓе од Балканот, каде не е се така црно како што се прикажува, посочува авторот, додавајќи дека насловот на книгата „Роден во држава која не постои повеќе“ има и своја симболика.

– Роден сум во Република Македонија која беше дел од Југославија. Така секаде пишува во моите документи. Родно место: Село Плаке, Југославија. Колку пати само се имам обидено во Холандија да го сменам тоа во Македонија. Не е можно. Според нив официјално сум роден во Југославија, држава која во 1990-та се растури. Ќе патувам со воз од Скопје, до Белград, Загреб, Љубљана, Минхен, Франкфурт, Келн, до Холандија. Ќе одам по истиот пат како што дојдов во 1973 во Холандија, како мало бебе. Сакам да го доживеам сето тоа. Во книгата ќе пишувам како е сега таму, како се живее….открива Велјаноски.

Владо Велјаноски е автор на повеќе колумни објавени на OhridNews во кои на интересен начин пишува за животот во Холандија и Македонија и прави анализа на актуелни случувања кај нас и во Европа, а кои ќе најдат место во неговата прва книга. Во неа тој ќе раскажува за промените низ животот, за поранешната и сегашната држава, за родниот крај…

-Израстен сум како Југословен, Македонец во Холандија и истовремено како Холанѓанец во Холандија. Ќе пишувам за родниот крај Плаке, за убавината на Охрид. За туристите кои доаѓаат од Холандија на Охридското Езеро, од каде ние избегавме пред 40 години во потрага за подобар живот во Холандија. Татко ми имаше две магариња, сега холандските туристи јаваат на магариња во близина на родниот крај. Жестока тема. Нема никого да осудувам. Тоа не е воопшто целта на книгата. Израстен сум со три идентитети. Македонски, Југословенски и Холандски. Зборувам 5-6 јазици. Македонски, Српски-Хрватски, Холандски, Англиски, Германски и малку Шпански. Како ќе изгледаше мојот живот ако моите не го напуштеа земјоделскиот мачен живот во село Плаке во 1973 година или ако се вратевме во 1988 назад во родниот крај како што беше планирано? – се дел од личните дилеми за кои ќе пишувам во книгата истакнува Велјаноски.

Се проценува дека во Холандија има речиси 80.000 луѓе од бивша Југославија, што значи 80.000 приказни и различни случки. Ова е мојата приказна, којашто сакам да ја раскажам. Нешто како научна книга околу екс Југославија, но напишана на разбирлив начин, да може да биде сфатена од секого, додава Велјаноски.

Предвидено е книгата „Роден во држава која не постои повеќе“ на Владо Велјаноски во јуни 2016 да се најде во продажба низ цела Холандија, а доколку се создадат услови во план е таа да се преведе на Македонски и Српски јазик.

Г. Момироски