Имиџот на Охрид како главен туристички центар во земјава постојано е на тест. Постојат многу објективни, но уште повеќе субјективни фактори кои влијаат на угледот на градот, особено во шпицот на сезоната. Џабе инвестиции во прекрасни сместувачки објекти и приватни апартмани и соби, ако не се грижиме ни милиметар повеќе од сопствениот двор. Најдобра илустрација за тоа е сликата која секојдневно се повторува на влезот во стариот дел на градот кај Горна порта.

На оваа локација поставени се контејнери за комунален отпад, но неодговорни граѓани тука секојдневно одлагаат се што им смета од дома, од кабаст отпад до авто делови кои ги оставаат околу контејнерите создавајќи грда слика која е одраз на лошите навики и исклучително ниската еколошка свест.

Вака е секој ден. Расфрлан отпад е првата слика која ја гледаат гостите на влезот од стариот град поради кој, меѓу другото, Охрид е под Заштита на УНЕСКО. Вака ли туризам ќе развиваме? Најитно мора да се преземе нешто за овој проблем, а можеби е најдобро и да се дислоцираат контејнерите од тука, за да не ни се гледа срамот. – вели резигнирано локален жител.

Од јавното комунално претпријатие информираат дека секојдневно вршат подигнување на отпадот од  и околу контејнерите кај Горна порта, но веќе наредниот ден затекнуваат иста слика.

Се сме пробале, но без успех. Поставени се и информативни табли што смее, а што не смее да се фрла, како да не постојат. Не се почитува ниту комунален ред, ниту соодветно се одлага отпадот. Крајно време е да профункционираат комуналната редарска служба и инспекциите и да се казнуваат прекршителите за да се елиминираат ваквите појави кои многу негативно влијаат на Охрид. – вели директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.

Грданоски истакнува дека се размислува и за дискоцирање на контејнерите кај Горна порта во внатрешноста на паркингот пред влезот во стариот град, кои би биле целосно или полувкопани во земја и соодветно оградени.

Г.М.