Специјалната болница за лекување, рехабилитација и превенција од кардиоваскуларни болести – Охрид, одбележа една година од првата интервенција извршена во одделението за интензивна кардиологија, што беше отворено минатиот јуни.
Од Кардиолошко велат дека скромниот јубилеј претставува поттик за понатамошен развој на болницата која има амбиции да прерасне во респектабилен регионален кардио-центар.
“Се чувствувам многу среќен и исто толку задоволен од ова што го постигнавме за една година во која имавме можност да се докажеме и да покажеме што знаеме и умееме, а истовремено да ја оправдаме и довербата што ни ја дадоа институциите да обавиваме една ваква дејност која надвор од Скопје се изведува само во нашата установа“, изјави за ohridnews, директорот на охридскиот кардиолошки центар, д-р Никола Бакрачески.
Тука се лекуваат пациенти од целата република и се применуваат најнови светски стандарди, но она што е најважно пред се, е дека во оваа една година работевме безбедно,обезбедиме квалитетна нега за пациентите и се надевам дека со постигнатите резултати успеавме да ја стекнеме довербата од цела македонска јавност, додава д-р Бакрачески.
Од отворањето на одделението за интервентна кардиологија во кардиолошкиот центар во Охрид направени се 250 интервенции, но само во 78 работни денови, што се должи на големиот број прекини во работата но не по наша вина, објаснува д-р Бакрачески. Проблемот беше во тоа што во почетокот се работеше со потрошен матерјал кој го добивавме од нашите донатори, а првата регуларна набавка ја извршивме пред два и пол месеци. Во такви услови бројка од 250 интервенции се за почит, смета д-р Бакрачески.
Во Кардиолошкиот центар од 2000 година навака се спроведува и континуирана едукација на персоналот,а очекувањата се дека наредната година оваа установа ќе има уште еден доктор од сопствените редови оспособен за извршување интервентни процедури. За таа цел во соработка со Институтот за срцеви заболувања од Скопје, како и со реномирани кардиолошки центри од САД и Европа се врши постојана едукација на персоналот на болницата бидејќи кардиологијата бара непрекинато следење на светските трендови, вели д-р Бакрачески.
Интенција е врвни кардиолози од овие центри да доаѓаат тука и да го обучуваат персоналот, но во исто време и нашите лекари и медицински сестри да се обучуваат во странство, додава д-р Бакрачески.
Покрај пациенти од земјава во Кардиолошкиот центар во Охрид се лекуваат и пациенти од странство, најмногу од соседна Албанија, со што овој регионален центар ги надминува границите на Македонија, што беше и една од целите зацртани пред една година.
Горан Момироски