Tочно една година откако беше утврден првиот случај на Кoвид-19 во Кина, светот е зафатен од втор бран на пандемија. Ситуацијата е далеку од охрабрувачка, во пресрет на зимската сезона на северната хемисфера, каде се повеќе земји воведуваат нови ограничувања.

Австрија повторно е во карантин. Улиците во големите градови се напуштени, а мерките за заштита ќе траат три недели и се слични на наметнатите во март. Само продавници за храна, аптеки и банки можат да им служат на клиентите.

Секако, малку сме исплашени, но барем знаеме дека ќе можеме повторно да се отвориме на 8 декември. Ова ни дава многу повеќе надеж од првиот карантин, барем тоа е зрак светлина, вели Теодор Ваничек, сопственик на продавница во Виена.

Луѓето мораат да останат дома и можат да излегуваат само да одат на работа, да извршуваат итни задачи или да спортуваат. Сите училишта се префрлија на учење на далечина, но за разлика од март, учениците се уште можат да одат на училиште ако им треба помош од наставникот или немаат услови дома за учење.

Еден ден откако федералните и провинциските власти во Германија одлучија да ја одложат одлуката за продолжување на ограничувачките мерки за 25 ноември, канцеларот Ангела Меркел изрази загриженост за ширењето на коронавирусот.

Ситуацијата во моментот е се уште сериозна и дури би рекла многу сериозна. Пандемијата не погодува низ целиот свет и во моментов е потешка на северната хемисфера отколку на југот. Значи, треба да ги намалиме контактите, рече таа.

Помина точно една година откако беше регистриран првиот случај на пациент со Ковид-19 и оттогаш пандемијата однесе животи на 1,33 милиони луѓе во 55 милиони потврдени случаи.

Според документите на кинеската Влада, првиот случај на коронавирус бил на 17 ноември 2019 година, неколку недели пред властите официјално да објават дека се појавил нов вирус.

Се верува дека „нултиот пациент“ е 55-годишен жител на провинцијата Хубеи, но тоа се уште не е потврдено. Сепак, кинеската Влада официјално не потврди позитивен случај на коронавирус до 8 декември 2019 година.

Уште откако беше објавено во јануари дека епидемијата започна во Вухан, научниците се обидуваа да го пронајдат изворот на инфекцијата. Се претпоставува дека животни го пренеле на луѓето, но засдега нема потврда за тоа.

Кинеските власти идентификуваа најмалку 266 лица со коронавирус кон крајот на минатата година. Кон крајот на декември, кинеските лекари сфатија дека имаат работа со нов вирус. Лекарите во Вухан на крајот на 2019 година лекуваа десетици пациенти со пневмонија. Пациентите имале различни симптоми, вклучувајќи треска, кашлица и респираторни проблеми.

Ниту еден од првите девет случаи во ноември не беше потврден како „нулти пациент“. Постојат наводи дека првите случаи се од порано. До 15 декември имало 27 заразени. До 20 декември беа потврдени 60 случаи, а на 27 декември имаше повеќе од 180 заразени. До 1 јануари 2020 година, беа потврдени 381 случај.

OhridNews