Утре, 11- ти јуни се одбележува една година од прогласувањето на регионот Охрид Преспа за Прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО . Одлуката беше едногласно донесена на состанокот на Советот на МАБ Комитетот на УНЕСКО одржан во Јончепинг ,Шведска.

Номинациониот акт беше работен во текот на претходните 2 години, при што беа инволвирани домашни и меѓународни експерти , со поддршка на централната власт и на локалните самоуправи во регионот и од македонска и од албанска страна. Номинацијата беше испратена во УНЕСКО преку Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро како носител и Националните комисии на УНЕСКО во двете земји.

– Донесовме за Регионот Охрид Преспа безвременска вредност како еден од само 15- те вакви препознаени региони во светот. Таквиот статус треба да ни биде основа за програмирање на економскиот развој врзан за овие природни и културни вредности и промоција пред научниот и туристичкиот интерес во светот. Уникатниот биодиверзитет, природните реткости, културно наследство, фолклор и обичаи, храна и услуги треба да бидат нашиот симбол пред светската јавност, вели Дејан Паноски од Билатерален секретаријат за сливот на Охридско Езеро.

Значењето на прогласувањето на Биосферен резерват се движи во насока на меѓународна  промоција на вредностите на ПБР, брендирање на производи од ПБР како производи од Биосферен резерват (пример: мед, цреши, јаболка…), брендирање на туристичката промоција , едукативни активности за управување со ПБР, пилот проекти за прекугранични платформи на производители на вредности од ПБР, програми за подигање на јавната свест. За сето тоа ќе се работи на утврдување на менаџмент план за ПБР.

OhridNews