Малезијците утрово одржаа молитви за исчезнатите на летот МН370 на авионот од типот „Боинг 777-200“ на компанијата „ Malaysia Airlines“ , одбележувајќи ја првата годишнина од овој настан за кој истрагата досега утврди дека за неговиот евентуален пад вина нема кај екипажот, а пред полетувањето не се регистрирани никакви технички проблеми на леталото.

„Не постои ништо што укажува на вина на екипажот. Никакви механички аномалии не се откриени“, се вели во извештајот објавен во неделата од страна на експертите од одделот за цивилна авијација на кралството Малезија. Експертите, исто така, наведуваат дека ова е прелиминарен и технички извештај, додека истовремено најобемната и најскапа во свеската историја операција на потрага по летот МН370 се’ уште не е донесе никакви конкретни резултати.

Авионот на „ Malaysia Airlines“ со 227 патници и 12 членови на екипажот, кој заедно со кинеската воздухопловна компанија „ China Southern Airlines“ го изведуваше летот од малезиската престолнина Куала Лумпур за Пекинг, исчезна од радарите еден час по полетувањето, во 2.40 часот по локално време на 8-ми март 2014 година, недавајќи никакви сигнали за проблеми во кабината, за технички проблеми или за промена на рутата на летот.

Истрагата за судбината на МН370 го води независно тело предводено од Малезија, како земја во која е регистриран операторот, и во неа се вклучени уште седум земји, Кина, САД, Велика Британија, Австралија, Франција, Сингапур и Индонезија. Потрагата на подморјето во јужниот дел од Индискиот Океан покрај австралискиот брег досега покрила 40 отсто од предвидените 60.000 квадратни километри.

Членовите на исчезнатите кинески патници, кои сочинуваат околу две третини од сите патници на споменатиот лет се залагаат за продолжување на потрагата. Со Кина во врска со продолжување на потрагата се залага и Малезија. Пред малезиската амбасада во Пекинг претходно се одржа протест на семејствата на исчезнатите, бидејќи кинеските власти го забранија одржувањето на планираните протести на самата годишнина од исчезнувањето на авионот. За западните медиуми некои од нив изјавија дека полицајците им дошле пред врата и лично ги предупредиле да не излегуваат на одбележувањето на годишнината.

OhridNews