Делумното затворање на влезот на Охрид од Подмоље во правец на градот, пред стартот на главната туристичка сезона, поради извршување градежни работи на автопатот во изградба, предизвика бурни реакции во јавноста и политички препукувања. За локалната самоуправа ваквиот потег на централната власт е нелогичен, поради што градоначалникот бара веднаш да се промени одлуката за пренасочување на сообраќајот на стариот пат Охрид – Струга, а градежните активности да се одложат до завршување на туристичката сезона.
Заради тоа што не сакавте да не испочитувате и не ви беше битно тоа што Општина Охрид беше против затворање на влезот во Охрид во овој период, негативно мислење од Општина Охрид, негативно мислење од СВР Охрид и си издадовте сами на себе дозвола за пренасочување на сообраќај, сега јавно го повикувам министерот за транспорт, министерот за внатрешни работи и премиерот, да ја сменат одлуката и да овозможат нормален проток на возила во тек на туристичката сезона, а по завршување на сезоната да отпочнат со градежните активности, побара градоначалникот Пецаков.
На негова иницијатива, во понеделник ќе се одржи состанок за новото сообраќајно решение на влезот од Охрид за пренасочување на сообраќајот по стариот пат за Струга.
На состанокот поканети да земат учество се сите пратеници од Охрид во македонското собрание, СВР Охрид, ХОТАМ, туристички работници, угостителски еснаф и претставници на службите од Локалната самоуправа, информира прес службата на локалната самоуправа.
Во меѓувреме се погласни се реакциите на туристичките работници. Според нив најавеното затворање на магистралата од Охрид до Подмоље во рок од 45 дена ќе предизвика сериозни последици.
Системски пред секоја сезона Охрид добива опструкции во реализирање на туристичката сезона од одредени не промислени потези на одредени институции веќе 20 години, колку што сум во овој еснаф, вели туристичкиот работник Олег Маленко.
Автобусите со туристи од аеродром до Охрид вчера патуваа два и пол часа! Авионскиот лет од Амстердам до Охрид трае два часа и триесет минути! Авионите од Катовице и Варшава пристигаат за два часа! Автобусите од Аеродром Охрид до Хотелите за 14-15 км пристигаат за два и пол часа! Што е ова ако не опструкција и намерно уништување на туризмот!? – прашува Маленко.
Тој укажува дека автопатот се гради од 2014 година, а некој дури сега во 2023 во период кога Секторот туризам треба да ја одработи сезоната во Охрид го затвора патот сред сезона.
Ова е за да влезе во учебници како не треба да се гради автопат, напиша Маленко на социјалните мрежи.
За Министерството за транспорт нејасни се реакциите за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид.
Поддршката од централната власт кон Општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект, велат од Министерството.
Пецаков, додаваат во реакцијата, треба да има во предвид дека се отстранети сите проблеми на оваа делница кои актуелната влада ги затекнала од претходната.
Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен. Кога веќе градоначалникот зборува за поддршка од централната влада сакаме да го информираме дека Владата преку ЈПДП оваа година ќе започне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконстукцијата и на овој патен правец, се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.
Г.М.