Некогаш беа распослани по целата чаршија, а денес се само две тезги со новогодишни украси во центарот на Охрид. Обете на плоштадот кај стариот Чинар. Колку да „замириса“ на Нова година и да подразбуди по некој убав спомен од не така далечни години кога купувањето честитки беше празничен ритуал, на кој подеднакво му се радуваа и децата и возрасните.
Еее.. ги нема тие времиња повеќе. Пред петнаесеттина години продававме по 3000 честитки само една тезга, сега максимум 500 ако продадеме. – вели нашиот соговорник од новогодишната тезга кај чинарот.
Обичните честитки чинат 20-30 денари, а музичките 50.
Најмногу честитки купуваат родители за своите деца, за на елка. Ретко кој праќа честитки денес. – додава овој охридски тезгаџија.
Повеќе се купуваат сијалички и новогодишни украси, а децата ги сакаат празничните капчиња, балони, дедомразовци. На тезгите има голем избор, но нема многу луѓе по чаршијата, забележува соговорникот.
Времето е деликатно, се вардат луѓето, уплашени се. И тие што застануваат држат дистанца, не ги допират честитките и украсите, а ако се решат нешто да купат веднаш се дезинфицираат со средствата кои ги имаме на тезгата. И ние го правиме тоа редовно, оти работиме со пари. – раскажува овој тезгаџија.
Петарди на тезгите во Охрид не се продаваат, ама се бараат уште.
Најчесто тоа се деца до 15 години. Прашуваат, но им кажуваме дека не продаваме петарди. Поретко некој повозрасен исто ќе праша за петарди, за детето. – истакнува соговорникот.
Додека разговаравме на тезгата застанаа неколку муштерии, колку да не е без ич. Нема ниту многу минувачи низ чаршијата, која убаво е украсена. А времето не е ладно, ама не е до температурата. До друго е. Со нашиот соговорник се разделивме после убав разговор кој ми разбуди прекрасни спомени од детството. Убави времиња. Ќе дојдат пак. Затоа разбудете го детето во вас, замислете си новогодишна желба и препуштете им се чувствата. Сепак се празници, а празниците се за празнување.
Г. Момироски