Науме Јованоски – сопственик на ланецот обложувалници “Премиер“, ќе биде единствен кандидат за претседател на општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз во Охрид. Оваа одлука е конечна и одобрена од централата и лидерот Црвенковски, изјавија за “Ohridnews” извори од партијата во Охрид.

Со одлуката Јованоски да биде единствен кандидат за претседател на охридските социјалдемократи паѓаат во вода сите “силни“ нагаѓања и шпекулации со кои се занимаваше јавноста во изминатиот период. Изборот на новиот претседател на СДСМ – Охрид, ќе се изврши во редовна процедура, за која во тек се подготовки, велат нашите извори.

Функцијата претседател на огранокот на СДСМ во Охрид во моментов ја извршува пратеникот Томе Чинговски. Промените во ограноците се дел од длабокиот рез кој старо-новиот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски го започна од партискиот врв на вонредниот конгрес кој се одржа токму во Охрид.

Ohridnews