Сите единаесет припадници на АРМ кои се наоѓаа во кобниот лет од Бутмир за Скопје, загинале од механички повреди здобиени при падот на хеликоптерот, соопшти Институот за судска медицина каде беше извршена обдукција врз телата на загинатите.
Првично не беше познато дали некој од настраданите го преживеал падот по кој уследила експлозија на муниција и пожар, а таквите дилеми сега се отстранети со завршување на обдукцијата.
државата им оддаде почит на загинатите војници
(фото МИА)
Инаку денеска во Домот на армијата во Скопје се одржа комеморативна седница за жртвите од хеликоптераката несреќа, на која говореа претседателот и врховен командант на армијата, Бранко Црвенковски и началникот на ГШ на АРМ, Мирослав Стојановски. На комеморативната седница присуствуваа и членови на семејствата на загинатите војници, како и претставници на Парламентот, Владата, на верските заедници, дипломати, и други.
Посмртните останки на загинатите војници ќе бидат погребани со државни почести во вторник, 15 јануари. Денот на погребот е прогласен за ден на жалост.
Ohridnews