Почнувајќи од денес па се до 16ти октомври во Охрид се одржува единаесетиот состанок на Викимедија за Централна и Источна Европа. Оваа средба се организира во живо после пауза од две години поради Ковид пандемијата.

На настанот свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој изрази задоволство од тоа што Охрид е домаќин на престижен настан посветен на важноста на Википедија еден од петте најпосетувани сајтови во Светот.

Живееме во хипер поврзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сведоци сме на невиден технолошки напредок но и преиспитувања и парадокси. Социјалните мрежи постојано се продлабочуваат и мултиплицираат. Покрај физичките се понагласена улога имаат оптичките коридори и информатичките крстосници, истакна градоначалникот Пецаков.

Претседавачот Кирил Симеоновски ја потенцираше важноста од одржувањето на овој настан и развивањето на квалитетна дискусија поврзана со темите и посака успех на учесниците во работата.

Трите дена ќе бидат посветени на разните структури во пишувањето на статии, текстови а секако за нас најважниот дел, збогатување на Википедијата на македонски јазик, со што нашиот македонски јазик е присутен насекаде. Вклучувањето на што поголем број креатори на содржини на македонски јазик ќе ја зголеми присутноста во целиот свет, велат организаторите.

Предвидено согласно агендата на настанот да се води дискусија на повеќе теми кои се поврзани со потребите на заедниците од државите на Централна и Источна Европа.

OhridNews