Со концерт на гитаристот – лаутист Един Карамазов, вечерва во 21 часот во предворјето на Св. Софија, ќе биде спуштена завесата на 49-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија, фестивалот „Охридско лето“.

Музичкиот селектор Гордадана Јосифовска – Неделкова искажа задоволство од  прикажаното на фестивалот, кој според неа го задржал високото реноме.

– Во последните три години на  „Охридско лето“ гостувале дури 79 нови имиња на уметници и ансамбли. Тоа е импозантна бројка, оттаму и моето уверување дека само со нови уметници, но од светски калибар, Фестивалот ќе продолжи да чекори на патот што води кон успехот, рече Неделкова

За селекторот на драмскиот дел на фестивалот, актерот Ѓорѓи Јолевски, годинешното издание на „Охридско лето“ е едно од највозбудливите. Тој најави дека во иднина ќе се работи на изнаоѓање претстави соодветни на сцените со кои располага Охрид, како и дека ќе бидат преземени активности за изградба на современа театарска зграда која ќе може да одговори на современите потреби.

Директорот на фестивалот, Тони Симоноски, рече дека веднаш по завршување на годинешното издание почнуваат  подготовките за идното јубилејно 50-то „Охридско лето“.

– За среќа, во време на сложени економски услови кога многу културни манифестации и настани гаснат поради финансиската криза, тоа не е случај за овој Фестивал, за кој можеме со гордост да кажеме дека успева да истрае во својата благородна мисија, стремејќи се кон достигнување уште повисоки уметнички вредности, истакна Симоновски.

Ohridnews