Владо Чепуноски (67)го загуби животот, а неговата сопруга Марга е тешко повредена и се бори за живот,  во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 2 мај во 18:05 ч. на меѓународниот пат  Струга – граничен премин Ќафасан, кај бензиската пумпа КМР Петрол.

Сопружниците веднаш по несреќата биле примени на хируршкото одделение при општата болница во Струга, од каде со болничко возило и лекарски тим за реанимација итно биле упатени кон клиничкиот центар во Скопје. На пат кон клиниката Владо Чепуноски починал како последица на тешките повреди во пределот на градниот кош и главата, додека неговата сопруга Марга со политрауматски повреди и во тешка здравствена состојба е згрижена на Клиниката во Скопје.


Хаварисаното Порше Карера го однесоа со камион на АМСМ

До несреќата дошло кога спортското возило “Порше Карера“ кое со голема брзина се движело кон Ќафасан се судрило со возилото Голф 1 со охридски регистарски таблички во кое се наоѓале сопружниците Чепуњоски, и кое според првичните сознанија на истрагата од спротивен се приклучувало на главниот пат.

Во страотниот удар двете возила излетале од патот и речиси уништени  завршиле во блиската нива. Според Јован Николоски, очевидец, вработен во бензиската пумпа КМР Петрол, поршето било во група со уште три спортски возила кои со огромна брзина се движеле кон Ќафасан. Тогаш возачот на поршето загубил контрола, возилото почнало да се лизга, удрило во бандера и буквално ја скинало, по што удрило  во голфот, па уште во неколку бандери пред да слета од патот.

“При самиот удар една од бандерите беше пресечена што само говори со колкава брзина поршето се движеше“, вели Јован. Тој вели дека првите три возила се движеле со преку 200 км. на час и дека меѓусебно се престигнувале.

“Веднаш притрчавме да помогнеме, го запревме сообраќајот и јавивме на полицијата, а граѓаните кои се затекнаа реагираа брзо и присебно и  со такси и друго возило ги пренесоа повредените во болница“, раскажува Јован.

Тој вели дека возачот на поршето, Николас Морли(30) британски државјанин се обидел да избега со друго возило марка БМВ управувано од неговиот сонародник Метју Мек Конвил,  но по дојавата биле запрени и приведени од струшката полиција.

Поршето било дел од меѓународното рели Гембл 3000 што го организираат и во кое учествуваат личности од светскиот џет-сет. Според МВР околу 40-на суперлуксузни возила, од над стотина вкупно,  на граничниот премин Меџитлија на Грчко-Македонската граница легално влегле во земјава со цел преку граничниот премин Ќафасан да влезат во Албанија. Поради несреќата патниот правец Струга-Ќафасан два часа беше затворен за сообраќај, а спортските возила учесници во релито, по кратко задржување биле пропуштени на границата со Албанија. Неофицијално се зборуваше дека во релите учествувале и познатата акерка Шерон Стоун, и пејачката Пинк, но таквите информации беа веднаш демантирани.

На местото на несреќата увид извршиле истражни органи, а истрагата за несреќата е во тек.

Горан Момироски
Фото: С. Костоски