Едно лице загинало, а двајца биле повредени во тешката сообраќајна несреќа која се случила вчера попладне на магистралниот пат Гостивар – Кичево, на 2 километри од „Мавровска раскрсница“.

Според полицијата, несреќата се случила околу 16  часот кога се судриле Патничко моторно возило „Форд Фокус“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 51-годишен жител на селото Чајле и минибус „Мерцедес“ со струшки регистарски ознаки управувано од 66-годишен жител на струшкото село Велешта.

При судирот на местото на несреќата загинал возачот на патничкото возило, а со повреди се здобиле 26 годишен жител на кичевското село Србица и 35 годишен жител на општина Вевчани, кои биле патници во минибусот.

На повредените  им била укажана лекарска помош во Општата Болница во Гостивар. Увид на местото на несреќата извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР-Тетово, а по наредба на обвинителот телото на загинатиот било предадено на обдукција.

OhridNews