Командирот на полициската станица Матејче Фатмир Алили (1958) е убиен, а две службени лица се повредени, ноќеска 30-тина минути по полноќ, при напад врз полициска патрола на локалниот пат од село Слупчане кон село Ваксинце, во месноста викана „Колева чешма“.
МВР соопшти дека според првичните сознанија, напаѓачите отвориле оган во моментот кога полициската патрола возило „Лада-Нива“ се разминувало со патничко моторно возило „Форд“. Полицајците возвратиле на огнот, а по престрелката напаѓачите го напуштиле местото.
Во престрелката со прострелна рана во пределот на вратот се здобил командирот на ПС Матејче, кој им подлегнал на повредите на пат за Медицинскиот центар во Куманово, додека другите две службени лица добиле прострелна рана во грбот и десната потколеница. Поради сериозноста на повредите еден од полицајците е префрлен во Ургентниот центар во Скопје. Двајцата повредени полицајци се надвор од животна опасност.
МВР изврши увид на местото на нападот, при што се пронајдени повеќе чаури и фрагменти од проектили од автоматско оружје, мобилен телефон, траги од крв и траги од возилото на напаѓачите.
Според првичните сознанија, осомничени се три лица за кои постојат индиции дека учествувале во нападот. Неофицијално две од нив загинале во престрелката, а еднотоза кое се претпоставува дека е брат на таканаречениот командант Џејми Шеј иако течко рането успеало илегално да ја премине државната граница и влегло во Косово каде било уапсено.
Поради тешки повреди здобиени од прострелна рана нему му била укажана лекарска помош и тој сега се наоѓа во болница во Приштина и е под полициски надзор.
За вооружениот инцидент кај Ваксинце денеска расправа и македонскиот парламент каде е одложена расправата за изборниот законик.